Музејот под отворено небо Тумба Маџари се подготвува за повеќе посетители и странски туристи

267

Реставрацијата започна по Нова година со финансиска поддршка од Европската Унија која за заштита на овој археолошки локалитет одвои 16.000 евра. Опфатени се четирите куќарки, заштитната ограда, безбедносниот систем, едукативниот простор, т.н. училница, потоа се менуваат сите покриви на куќите со нова трска, а фасадите на куќите се обновени со нов слој на глина. Со нова трска е обновена и оградата околу Неолитското село. Поставени се и нови рекламни табли. Работите се очекува да завршат утре, а отворањето на локалитетот за посетители е планирано во март

 

Реставрацијата на праисториската населба Тумба Маџари, која има материјална и духовна вредност за Скопје и за нашата држава, се очекува да заврши утре. Работите започнаа по Нова година со финансиска поддршка од Европската Унија која за заштита на овој археолошки локалитет на територијата на општина Гази Баба, одвои 16.000 евра.

Општина Гази Баба е една од шесте општини од земјава и на Косово каде се работи на заштита на културното наследство со европски пари.

– Овој локалитет заедно со Неолитското село засега се единствени во државата кои сведочат за оригиналната станбена архитектура во неолитот, нејзината внатрешна и надворешна организација во просторот. Има особено значење затоа што е симбол за духовната и културната еволуција на едни од најстарите жители на овие простори. Со реставрацијата се опфатени четирите куќарки, заштитната ограда, безбедносниот систем – информира градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски. 

Елена Стојанова-Канзурова, археолог од Археолошкиот музеј на Македонија и раководител на комплексот, за весникот ВЕЧЕР изјави дека работите се насочени кон ентериерно доуредување на сувенирницата, поставување на полици, пулт, со намера еден ден овде да се продаваат сувенири, она што му е потребно на овој Музеј под отворено небо – изјави Стојанова-Канзурова.

Се работи и на доуредување на едукативниот простор, таканаречената училница, потоа се менуваат сите покриви на куќите со нова трска, а фасадите на куќите се обновени со нов слој на глина. Со нова трска е обновена и оградата околу Неолитското село. Поставени се и нови рекламни табли.

Локалитетот Тумба Маџари работи од вторник до петок од 8 до 14 часот, а во сабота и недела од 10:30 до 17:30 часот. Најчесто доаѓаат ученици од училиштата, но има и заинтересирани странци.

– Треба да се направи повеќе за промоција и популаризација на овој локалитет. Освен тоа, треба и кадровски да се зајакне, бидејќи треба да има кој да ги пречека туристите. Засега, за овој простор се грижи само еден човек, Тони Митров, веќе 11 години преку договор на дело. Тој е и чувар, и домаќин и водич. Колку што можам и јас, како раководител на комплексот, волонтерски се грижам бидејќи сум вработена во Археолошкиот музеј – потенцира Стојанова-Канзурова.

Музејот на отворено засега е затворен за посетители, а неговото отворање е планирано во март. Целта на проектот е да придонесе кон создавање на поволни услови за социјална кохезија, соработка и културна размена помеѓу институциите и претставниците на граѓанските организации од двете земји преку поддршка на заеднички акции во областа на културата и заштита и унапредување на културното наследство.

Предисториската населба Тумба Маџари со своите уметнички и естетски вредности на материјалната и духовна култура е веќе потврден археолошки локалитет во научните кругови. Од 2008 година на овој локалитет се создаваат услови за поголемо анимирање во јавноста преку научни, едукативни и туристички активности.

Се работи за населба од неолитот – младо камено време. Населбата, својата економска благосостојба и културен просперитет ги доживува во средниот неолит, 5800-5200 година пред н.е. Така, населбата во Тумба Маџари преставува јадро на денешното Скопје.

Покрај Гази Баба, проектот ќе се реализира во општините Теарце и Куманово, како и во општините Елез Хан, Каменица и Витина во Косово.

(А.П.)