Мудрата порака на Атиџе го воодушеви “Санденс“, следуваат проекции на “Медена земја” низ САД

345

“Останав без зборови кога го видов филмот како заради неговата уметничка убавина така и заради пораката што ја носи. Атиџе, жената која живее во симбиоза со природата, ни праќа мудра порака, која претставува и повик за будење”, истакна Стефане Томажијан, заменик-амбасадорот на Швајцарија

“‘Медена земја’ е филм за фер искористување на природните ресурси на земјата, тоа е таа универзална порака која тој ја праќа”, истакна режисерот Љубо Стефанов на македонскиот филм кој неодамна на 38. издание на филмскиот фестивал „Санденс“ доживеа голем успех и ја доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм, а снимателите Фејми Даут и Самир Љума беа наградени за најдобра кинематографија.

Режисерот Стефанов, за филмот што го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена на престижниот “Санденс”, а кој зборува за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа- Атиџе, посочи дека се започнало со идеја за краток документарец, но во текот на тригодишното симање филмот прераснал во вистинска човечка приказна што носи силна порака – од природата човекот треба да земе пола, а другата половина да ја врати назад. “Сепак ова е суров свет, и не верувам дека еден филм може да направи некаква промена”, додаде тој истакнувајќи дека во филмот најфасцинантни се ликовите, но и приказната, амбиентот во кој е сниман, и секако пораката што се праќа.

Тој режисерската палка ја дели со Тамара Котевска, со која во тендем веќе претходно работеле и на филмот за Преспа, “Езеро на јаболката”. За режисерката, пак, филмот е направен со срце и кога се од себе се дава, успехот не изостанува. Котевска ги пренесе и позитивните реакции од публиката за време на неговото прикажување (шесте проекции) во Јута, САД. Таа зборуваше и за начинот на снимање кој бил копмлексен, заради локацијата (селото Бекирлија, на реката Брегалница), социјалната положба на семејствата кои се опфатени во филмот, како и конфликтот меѓу нив за начиниот на искористувањето на медот.

Продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, пак, посочи дека по успехот на “Медена земја” на фестивалот “Санденс”, компанијата Неон ќе биде дистрибутер на филмот за Северна Америка, а дека по позитивните реакции кои ги имале и на затворената проекција на неодамна завршеното Берлинале, набрзо се очекува и дистрибутер за Европа. “Во 2019 “Медена земја” ќе стане хит, и се надевам дека пораката (земи пола, остави пола) ќе допре до сите нас”, додаде Георгиев.

За снимателот Фејми Даут, пак, заради прекрасната локацијата на снимање, секој кадар од филмот бил спектакуларен, додека за неговиот колега Самир Љума, односот и љубовта на Атиџе кон пчелите им создало доверба дека за време на снимањето треба да им веруваат за да успеат без заштитна опрема да ги снимат кадрите.

“Останав без зборови, кога го видов филмот, како заради неговата уметничка убавина, така и заради пораката која ја носи. Атиџе, жената која живее во симбиоза со природата, ни праќа мудра порака, која претставува и повик за будење”, истакна Стефане Томажијан, заменик амбасадорот на Швајцарија во нашата земја за филмот кој е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), координиран од “Фармахем”, а поддржан од Агенцијата за филм.

Како што е веќе познато, документарецот кој е во продукција на “Аполо медиа” и “Трис филмс”, две затворени премиери ќе има на 12 и 13 март, а македонската јавност ќе може да го види на фестивалот Македокс. (Н.И.Т.)

Апел да се помогне на семејството на Атиџе
“За време на тригодишното снимање на филмот, мајката на Атиџе почина, но на премиерата во Јута (28 јануари), се роди и нејзиното осмо дете”, посочија од екипата на “Медена земја”, зборувајќи и за животните моменти кои ги поминале заедно со семејството на Атиџе. Тие упатија апел за помош за повеќедетното семејство, на кое веќе продукцијата успеала да им обезбеди скромен дом во најблиското село, каде има основни услови за живот, а им го подарила и возилото на продукцијата. Тие сакаат преку донации да им се обезбедат нормални услови за живот, како и образование за децата.