МТСП ГИ ОБЈАВИ СПИСОЦИТЕ Проверете дали сте добитник на финансиска поддршка за справување со кризата

470

Министерството за труд и социјална политика преку соопштение ги извести граѓаните, дека согласно Законот за финансиска подршка на ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, списоците на корисници на финансиска поддршка согласно овој закон се објавени на веб страната на Министерството.

Како што информираат од министерството, доколку некои од граѓаните на кои им следува согласно Законт оваа финансиска поддршка, не се најдат на списокот тогаш постои можност да се поднесе и приговор.

„Доколку, некои од граѓаните/корисници во категориите опфатени со овој закон, не се во списокот, а сметаат дека ги исполнуваат условите можат да поднесат приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка која ја формира министерката за труд и социјална политика, во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка“, велат од министерството.

Рокот во кој Комисијата треба да постапи по приговорите е 15 дена од денот на поднесувањето.

„Комисијата за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот. Рокот за приговор е 3 дена, сметано од 06.12.2022 година, заклучно со 09.12.2022 година“, појаснуваат од министерството.

Воедно, од Министерството за труд и социјална политика информираат и дека, исплатата на финанасиската поддршка, согласно овој закон, за корисниците на правата од социјалната и детската заштита ќе биде на 12.12.2022 година.

Исплатата за корисниците на паричен надоместок по основ на невработеност, ќе биде реализирана на 14.12.2022 година.

„На корисниците на пензија и корисниците на правото на надоместок за телесно оштетување финансиската поддршка за месец декември е исплатена со исплатата на ноемвриската пензија“, појаснуваат од министерството.

Со цел подобра информираност на граѓаните, Министерството за труд и социјална политика потенцира дека исплатата на средствата кои се дел од финансиската поддршка согласно Законот за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза се исплаќаат одвоено од редовната месечна исплата на средствата кои произлегуваат од правата од социјална и детска заштита.

Министерството информира и дека списоците се објавуваат согласно член 17, член 18, и член 19 од Законот за заштита на лични податоци, а во врска со член 5 од Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза.

Објавените списоци може да ги погледнете ОВДЕ