МПЦ-ОА на чекор до автокефалност?

Литургиското сослужување е црковниот облик во кој се изразува единството на оние кои учествуваат во литургијата и симболички се официјализира и на јавноста се соопштува тоа единство. По Белград, г.г. Стефан во јуни ќе сослужува на литургија и со вселенскиот патријарх.

54

Поглаварот ма МПЦ-ОА г.г. Стефан, заедно со тројцата највозрасни македонски владици, денеска во Белград, во Соборниот храм „Свети Сава“, ќе ја одржат првата света архиерејска литургија, заедно со српскиот патријарх Порфириј. Ова го потврди вчера владиката Тимотеј по Синодската седница, иако оваа вест српските медиуми ја пренесоа уште пред неколку дена. Според соопштението од СПЦ, на литургијата ќе присуствуваат сите архијереи на СПЦ, но без да се потенцира дали на молитвата ќе присуствува и Јован Вранишковски од ПОА. Литургијата ќе почне во 9 часот и со неа ќе почне воспоставувањето на литургиско и канонско општење меѓу двете цркви, согласно со претходната одлука на СПЦ да и се врати канонскиот статус на МПЦ-ОА од 1959 година.

– Ја прифативме поканата од страна на српскиот патријарх Порфириј, односно од Соборот на СПЦ за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи во Соборниот храм посветен на Свети Сава – кажа владиката Тимотеј, кој воедно е и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА. Тој вели дека со оваа литургија се воспоставува единство не само со СПЦ, туку и со останатите православни цркви, а тоа е еден чекор до очекуваното конечно разрешување на посакуваната цел, а тоа е автокефалност на МПЦ-ОА. Владиката Тимотеј уште информира дека епископот Стефан ќе присуствува на заедничка литургија во  Вселенската патријаршија со вселенскиот патријарх Вартоломеј, на 5 јуни, на верскиот празник Педесетница.

Дека литургиското сослужување е црковниот облик во кој се изразува единството на оние кои учествуваат во литургијата и симболички се официјализира и на јавноста ѝ се соопштува тоа единство, потврдуваат и верските аналитичари.

– Црковната хиерархија на МПЦ и МПЦ-ОА е воведена канонска црква. Како манифестација на тоа единство е сослужување и треба да очекуваме дека и нашиот архиепископ ќе сослужува со другите поглавари на православните цркви во светот, согласно со она што беше објавено во соопштението на вселенскиот патријарх. Сослужувањето со СПЦ значи операционализација во делот на одлуката во која СПЦ се изјаснува дека ја прима во МПЦ која беше расколничка по одлуката на Синодот на МПЦ од 1967 да го подигне нивното на самостојност, појасни неодамна Цане Мојановски, поранешен претседател на Комисијата на верски заедници Мојановски.

Во врска со желбата за добивање на Томос за автокефалност од страна на својата мајка-црква, а во случајов тоа е СПЦ МПЦ-ОА, владиката Тимотеј објасни дека за да биде предложена за добивање треба да исполни десетина точки.

– СПЦ треба да ја извести Цариградската патријаршија и другите православни цркви, па во согласност на сите останати да се издаде Томосот. Тој Томос треба да го потпише вселенскиот патријарх Вартоломеј и српскиот патријарх Порфириј. Се надеваме дека до крајот на месецов ќе го добиеме Томосот, истакна г. Тимотеј.

Митрополитот на дебарско-кичевската епархија по седницата изјави дека се надеваат и очекуваат до крајот на месецов Српската православна Црква до Вселенската патријаршија да го испрати предлогот за автокефален статус на МПЦ.

„Црква за која се бара да биде предложена за автокефален статус треба да исполнува 9 или 10 точки. Ние очекуваме за нас, тоа да го направи матичната црква од која се одделуваме, во конкретниот случај СПЦ. Таа да предложи до Вселенската патријаршија доделување автокефален статус , што треба да го одобрат сите православни цркви, а потоа Вселенскиот патријарх да издаде Томос кој треба да биде потпишан од него и од епископот на СПЦ, изјави владиката Тимотеј.

Иако во јавност имаше сериозни полемики и критики дека прифаќањето на  предлогот од СПЦ, за автономија како од 1959 година е враќање назад, владиката Тимотеј со спротивен став – дека е чекор напред и логичен след на работите што треба да не одведат до моментот за утврдување на автокефалниот статус.

– Сето ова што се случува е чекор напред. Ние баравме автокефалност, вели владиката Тимотеј.

Во одлуката на Соборот на СПЦ се наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“.

– Примајќи го актот на САС на МПЦ – ОА со кој го прифаќа општо признатиот канонски статус што му беше доделен од Светиот архиерејски синод на Српската православна црква во 1959 година и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот архиерејски синод одлучи: со благодарност кон Господа и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, се наведува во соопштението на СПЦ.

Со ваквата одлука, МПЦ-ОА повеќе не е „расколничка црква“, но всушност ѝ се признава само статусот на „автономна црква на СПЦ“, без гаранции дека некогаш ќе добие автокефалност, имајќи предвид дека за тоа, според Соборот на СПЦ, ќе биде потребен „општ православен консензус“, предупредуваат експертите во македонските медиуми.

Претходно, Светиот синод на Вселенската патријаршија на 9 мај донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз нашата црква, што подразбира дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.