Мојсовски под истрага за злоупотреби на ваучер системот?!

Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот и членовите на Централната комисија, во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата кои имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, посочи дека тие не се против доделувањето средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање

63

Агенцијата за млади и спорт годишно троши околу една милијарда денари по разни основи, но нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства. До ваква констатација дошла Антикорупциската комисија, од каде што велат дека ќе достават иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, и членовите на Централната комисија, поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови.

– ДКСК ќе достави до Владата и иницијатива за утврдување одговорност на овие лица, а до УЈП за извршување надзор на сите субјекти од областа на спортот во поглед на користењето на средствата преку т.н. ваучер систем во периодот од 2020, 2021 и 2022 година – велат од Антикорупциска.

ДКСК, исто така, смета дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт со носење некое ново решение за распределба на средствата со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС.

Членот на ДКСК, Владимир Георгиев, појасни дека во 2021 година биле анализирани постапките и активностите при спроведувањето и користењето средства при доделувањето ваучери од Агенцијата за млади и спорт и Централната комисија, како и за пропустите и непочитувањето на Законот од страна на дел од федерациите и спортските клубови при конкурирањето, нивното користење на средствата и отчетноста.

Освен од АМС, биле побарани податоци и од Фудбалската, Кошаркарската, Ракометната и од Одбојкарската федерација, како и од спортските клубови кои користеле средства од ваучери во висина од над еден милион денари.

– Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно со интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти што не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало – изјави Георгиев.

Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот и членовите на Цтралната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата кои имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, посочи дека тие не се против доделување средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање.

– Не гледаме дека сите препораки што ги дадовме се правилно применети, така што јасно е дека овој систем не дава соодветни резултати. Се надевам дека овие податоци ќе бидат доволна основа за законски измени, кои ќе изградат праведен систем – порача Ивановска.

ДКСК, исто така, изразува загриженост и тоа што со законските измени од јануари минатата година, членовите на Централната комисија се именуваат по предлог на Владата, без утврдени критериуми за нивниот избор.