„Мојата година со Селинџер“ вечерва го отвора 70. издание: На „Берлинале“ филмови кои ја гледаат сегашноста без илузија

398

„Филмовите во Главната компетиција раскажуваат интимни и потресни, индивидуални и колективни приказни кои имаат траен ефект и го добиваат своето влијание од нивното меѓусебно мешање со публиката. И ако постои доминација на темни тонови, тоа е затоа што филмовите што ги избравме имаат тенденција да ја погледнат сегашноста без илузија, но не за да предизвикуваат страв, туку затоа што сакаат да ни ги отворат очите“, истакнува уметничкиот директор на „Берлиналето“, Карло Чатријан, образложувајќи го изборот кој вклучува 18 филмови од 18 земји со 16 светски премиери, како и еден документарец

Канадско-ирската копродукција „Мојата година со Селинџер“ (My Salinger Year) на канадскиот режисер Филипе Фалардо вечерва ќе го отвори јубилејно 70. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин, познатото Берлинале што ќе се одржува до 1 март годинава. На црвениот килим на светската премиера на филмот, кој е базиран на истоимените мемори на новинарката и писателката Џоана Ракоф за познатиот американски писател Џером Дејвид Селинџер, најавени се ѕвездите на ова остварување, меѓукои актерите Сигурни Вивер, Маргарет Коли и Даглас Бут. Филмот „Мојата година со Селинџер“ ја следи младата поетеса Џоана (Маргарет Коли), која работи како асистентка на литературната агентка Маргарет (Сигурни Вејвер). Задачата на Џоана е да одговора на писмата на фановите на култниот автор Џ.Д. Селинџер.

Уметничкиот директор на Берлиналето Карло Чатријан, посочи дека е задоволен што 70. фестивалско издание се отвора со приказна што го дава гледиштето на протагонистот кој има нова, свежа перспектива, што во никој случај не е наивно. „Филипе Фалардо го прикажува малиот литературен свет од 90-тите години со хумор и слатка нота, но не го заборава 21 век во кој живееме или обединувачката улога што уметноста ја има во/за нашите животи“, посочува тој.

Инаку, во овогодинешната Главна натпреварувачка програма на Белиналето меѓудругите се наоѓаат и германско-холанскиот „Berlin Alexanderplatz“ од Бурхан Кубани, корејскиот „The Woman Who Ran“ на Хонг Сунгсо, француско-белгискиот „Delete History“ на Бено Делфин и Густав Кервен, аргентинско-мексиканскиот „The Intruder“ на Наталиа Мета, италијанско-швајцарскиот „Bad Tales“ на Дамјано и Фабио Д`иносенцо, американскиот „First Cow“ на Кели Ричардс и британскиот „The Roads Not Taken“ на Сали Потер. „Филмовите во Главната компетиција раскажуваат интимни и потресни, индивидуални и колективни приказни кои имаат траен ефект и го добиваат своето влијание од нивното меѓусебно мешање со публиката. И ако постои доминација на темни тонови, тоа е затоа што филмовите што ги избравме имаат тенденција да ја погледнат сегашноста без илузија, но не за да предизвикуваат страв, туку затоа што сакаат да ни ги отворат очите“, ќе истакне Чатријан образложувајќи го изборот кој вклучува 18 филмови од 18 земји со 16 светски премиери, како и еден документарец.

Како што е познато славниот британски актер Џереми Ајронс ќе биде претседател на главното жири и заедно со останатите членови, ќе одлучува кое од овие остварувања ќе биде добитник на „Златната мечка“ на 70. „Берлинале“. Сите членови ќе бидат претставени на вечерашната свеченост на отворањето на фестивалот. За Чатријан, фестивалскиот менаџмент е почестен што го добил Осакровецот Ајронс за ова издание, бидејќи со својот карактеристичен стил тој има отелотворено повеќе ликови-икони кои ја искажуваат комплексноста на човечките суштества.

Инаку, годинава, наградата „Златна мечка“ за животно дело ќе ја добие познатата британска актерка-оскаровка Хелен Мирен која е ѕвезда на познатиот филм „Кралицата“ како и на новата Еј-би-о серија „Катерина Велика“. Во нејзина чест, на фестивалот при врачувањето на наградата на 27 февруари, ќе бидат прикажан токму „Кралицата“ од 2006 година во режија на Стивен Фриерс. (Н.И.Т.)

Во Берлин и „Малмкрог“ – македонска малцинска копродукција

Најновиот филм на романскиот режисер Кристи Пују – „Малмкрог“ (Malmkrog), во кој нашата земја има малцинско учество, ќе ја отвори новата секција „Encounters” на 70. Берлински филмски фестивал. „Своето најново филмско дело во кое се јавува и како сценарист, Кристи Пују го именува по село во Трансилванија и го заснова по книгата на Владимир Соловјев ‘Три разговори’, а е за војната, прогресот и крајот на историјата“, соопшти Агенцијата за филм која финансиски го поддржа снимањето на филмот „Малмкрог“. Главен продуцент е „Мандагора“ од Романија, а македонски партнер во проектот е продуцентската куќа, „Сестри и брат Митевски“. Копродукцијата во официјалното соопштение на „Берлиналето“ е наречена „патување низ времето и мислите, кој фасцинира со прецизност и инвентивност“.