Нашиот живот, колку и да е непредвидлив, секогаш има нешта кои ни го прават поубав. Понекогаш може да најдеме инспирација за промени во песна или книга, а често и во добар филм. Колку и да служат за забава, филмовите можат да ве инспирираат да промените многу работи. Често сакаме да погледнеме остварувања со моќна порака кои оставаат силен впечаток врз нас, а токму одредени филмски наслови ќе ви дадат сила да донесeте важни одлуки. Ако ви снема мотивација, тие ќе ве зајакнат, но и доколку сè во вашиот живот е беспрекорно, никогаш не е залудно да добиете дополнителна доза на самодоверба

 

Секој нов момент е нова шанса да се направи позитивна промена. За доза инспирација, погледнете ги следниве 10 филмови кои ќе ви го променат животот и начинот на размислување.

Коко пред Шанел (Coco Before Chanel)

Овој филм на Ен Фонтен е за познатата модна дизајнерка Габриел Коко Шанел. Нејзиниот живот бил далеку од лесен, а започнал – во сиропиталиште. На своето неверојатно патување таа станува легенда во модниот свет која го востоличува стилот на модерната жена, но таа е и вечен симбол на успехот и слободата. Родена во внатрешноста на Франција, таа и нејзината сестра набргу се сместени во сиропиталиште каде залудно ја чекаат посетата на нивниот татко. Пред да создаде завидна кариера, Габриел е пејачка во кабаре, каде ги забавува пијаните војници, а потоа мала кројачка која ги скратува пантолоните во задната просторија на една провинциска кројачка работилница, но и преслаба куртизана која меѓу раскалашниот и весел свет се засолнува кај својот патрон Етјен Балсан.

Ерин Брокович (Erin Brockovich)

Култнит филм “Ерин Брокович“ на Стивен Содерберг е сушност филм за американската активистка за заштита на животната средина, позната по тоа што и покрај недостигот на формално-правно образование, игра клучна улога во историскиот судски процес против компанијата „Пацифик гас и електрик“ со седиште во Калифорнија, која во 1993 година исплаќа рекордна отштета за загадувањето на водата во Хинкли. Случајот послужил како заплет за филм именуван по главниот лик кој го игра Џулија Робертс.

Друштвена мрежа (The Social Network )

“The Social Network”  во режија на Дејвид Финчер е филм за студентот од Харвард и генијален компјутерски програмер Марк Цукерберг. Една есенска вечер во 2003 година, тој седна на неговиот компјутер и започна да работи на нова идеја. Наскоро, она што беше создадено во неговата студентска соба се претвора во глобалната социјална мрежа Фејсбук и станува вистинска револуција во комуникацијата. Шест години подоцна, и со повеќе од 500 милиони нови пријатели, Цукерберг е најмладиот милијардер во светот и историјата. Сепак, целиот овој успех на младиот бизнисмен му создава и приватни и законски компликации.

Вистинската приказна (The Straight Story)

“The Straight Story“ на Дејвид Линч е вистинска приказна за Алвин, стар ветеран од Втората светска војна, кој има лесна форма на менталнa попреченост. Откако слушнал дека неговиот брат, со кого не зборувал повеќе од десет години, доживеал срцев удар, тој решава да го посети во надеж дека ќе се смират. Како и да е, бидејќи нозете и очите го спречуваат да добие возачка дозвола, тој на својата триесетгодишна косилка за трева прицврстува приколка и тргнува на долг пат низ рурална Америка каде се среќава со многу интересни луѓе. Овој филм е модерна одисеја на човек кој се соочува со сопствената смртност, животните грешки и вечните семејни проблеми.

И понатаму Алис (Still Alice)

Филмот на Ричард Глатцер и Ваш Вестморленд зборува за Алис, истакната професорка по лингвистика на Универзитетот Колумбија, која води среќен живот со нејзиниот сопруг и трите возрасни деца. Сепак, еден ден таа открива дека има Алцхајмерова болест во раната фаза. Она што најмногу ја загрижува е фактот дека болеста е наследна и дека најверојатно ќе ја имаат и нејзините деца. Алис го користи својот телефон за да ги запише прашањата на кои треба да одговори секое утро. Болеста влијае и на целото семејство, на одлуката на едната ќерка да роди бебе, но и на созревањето и сериозноста на другата.

Насмевката на Мона Лиза (Mona Lisa Smile”)

Мајк Њуел е режисер на овој интересен филм од 2003 година. Кетрин (30) се вработува како наставничка по историја на уметност во конзервативно приватно училиште за девојчиња. Таа на првиот час гледа дека девојчињата буквално го научиле материјалот, меѓутоа, таа се обидува да го ослободи нивниот дух, да разбуди во нив искрен интерес за историјата на уметноста, да ги охрабри да бидат индивидуалци и да бидат критични кон работите за кои морале да молчат. Кетрин станува омилена професорка, но почнува да ја следат бројни неволји. Таа се вљубува во својот колега, професор по италијански јазик, знаејќи дека имал неколку афери со ученички пред неа, а во исто време се судира со директорката на училиштето која не е задоволна од премногу авангардните часови по историја на уметноста.

Дивина (Wild)

Американската биографска драма “Wild“ режирана од Жан-Марк Вале e базирана на вистински настан, односно на мемоарите на главниот лик. Поттикната од загубата на нејзината сакана мајка, распадот на нејзиниот брак и самоуништувачкото однесување, Шерил Страјд одлучува да се врати на вистинскиот пат и да го започне животот одново. Без многу искуство, со тежок ранец, но и силна волја, Шерил планира да ја пропешачи патеката Пацифик Пикс, една од најдолгите и најтешките патеки во земјата. Во филмот „Дивина“ претставени се стравовите на една млада жена која се соочува со сите тешкотии на патувањето кое ја тера во лудило, но исторемено и дава сила и конечно ја лекува.

Девојката што ја сакав (The way we were)

Во 1937 година, пргавата Кети накратко се среќава со богатиот Хабел, но кога ќе се видат повторно по осум години, заљубеноста ќе ги однесе дури до Холивуд. Во тоа време, Кети е веќе член на левичарското движење, додека Хубел има намера да напише сценарио за филм. Меѓутоа, кога Конгресниот одбор за антиамерикански активности започнува прогон на комунистите во 1947 година, нивниот однос се распаѓа. Додека бремената Кети се бори за загрозените права, нејзиниот превртлив партнер одлучува да ја спаси својата кариера. Кога ќе се сретнат по трет пат во 60-тите години на минатиот век, повторно ќе ја почувствуваат старата привлечност, но исто така треба да донесат одлука дали се подготвени да бидат заедно. Режисер на филмот е Сидни Полак.

Мирољубив воин (Peaceful Warrior)

Во фокусот на овој филм, во режија на Виктор Салва, е Дан Милман, млад талентиран гимнастичар, кој сонува да учествува на Олимпијада. Тој, на прв поглед, има сè што сака: трофеи, пријатели, брзи велосипеди, многу жени и диви забави. Но, во длабочините на неговата душа, тој е несреќен и празен, иако не може да сфати зошто. Неговиот живот добива сосема нов тек откако ќе запознае мистериозен странец кого го нарекува Сократ, а кој му овозможува да достигне нови нивоа на сила и разбирање. Додека внимателно учи животни лекции, Дан доживува страшна сообраќајна несреќа! Во овој трогателен филм, погледнете како тој ќе ја земе судбината во свои раце и дали ќе го оствари својот олимписки сон.

Џој (Joy)

Џој е креативна и имагинативна девојка која го споделува своето секојдневие со нејзините родители, полусестра и баба. Таа е најдобриот ученик во училиштето и и се насмевнува светла иднина, но поради животните околности таа и како млада жена останува да живее во иста куќа со нејзината баба, мајка, но и нејзините три деца и поранешниот сопруг кој живее во визбата. Џој работи разни работи за да го прехрани своето семејство затоа што нејзината мајка станала депресивна по разводот. Кога и нејзиниот татко финансиски ќе пропадне и ќе се врати во семејната куќа, каде што овој пат живее во подрумот со нејзиниот поранешен сопруг, Џој има впечаток дека го достигнала дното. Сепак, токму тогаш таа добива сила да ги земе конците на животот во свои раце и да направи големи промени. Овој филм во режија на Дејвид О. Расел треба да го погледнете.