Мора да престанеме со избори на секои две години

 Мислам дека дисфункционалноста на техничката влада ни покажа како не треба, и сигурен сум дека кризен менаџмент нема да биде поефикасен во оваа ситуација. На почетокот на кризата ние имавме таква влада и сметам дека сфативме дека никому нема да биде од полза. Во моментов нема никаква основа за предвремени избори - владата е формирана, мнозинството е обезбедено, дополнително треба се направи напор да се подобри функционалноста на Собранието. Немаат ефект ниту антивладините протести, кога знаеме дека изборите биле пред три месеци. Нема потреба за предвремени парламентарни избори в година и мислам дека е време да престанеме со избори на секои две години, вели Марко Трошановски во изјава за весникот ВЕЧЕР

108

Широка коалиција нема да биде поефикасна во менаџирањето на ситуацијата со ковид-кризата и поучени од техничката влада претходно, тоа не е решение за актуелната ситуација, коментираат експертите откако дел од албанската опозиција предложи формирање на широка коалиција поради корона-кризата. Тесниот резултат и предноста од само неколку пратеници на коалицијата на СДСМ, пред ВМРО-ДПМНЕ, уште на почетокот на мандатот дава неизвесност каков опстанок ќе има актуелната гарнитура на „Илинденска„.

Марко Трошановски од Институтот за демократија коментира дека таква влада никому нема да биде од полза. Во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека мора да запре практика да се бараат предвремени избори на секои две години.

-Мислам дека дисфункционалноста на техничката влада ни покажа како не треба, и сигурен сум дека кризен менаџмент нема да биде поефикасен во оваа ситуација. На почетокот на кризата ние имавме таква влада и сметам дека сфативме дека никому нема да биде од полза. Во моментов нема никаква основа за предвремени избори – владата е формирана, мнозинството е обезбедено, дополнително треба се направи напор да се подобри функционалноста на Собранието. Немаат ефект ниту антивладините протести, кога знаеме дека изборите биле пред три месеци. Нема потреба за предвремени парламентарни избори в година и мислам дека е време да престанеме со избори на секои две години, вели Трошановски.

Опција за широка Влада може да стане реална само ако доживееме блокада  на евроатлантскиот  пат или доколку дојде до усложнување и ескалација на ситуацијата со корона, цени комуникологот Петар Арсовски.

– За да се формира владината коалицијата требаше да се направат одредени отстапки и не верувам дека ќе биде лесно сега да ги примат во коалиција опозициските партии. Шансите за такво нешто, според мене, се многу мали. Во секој случај дали ќе има предвремени избори в година најмногу ќе зависи од  кризата со ковидот, а тоа може да го знаеме најрано во лето следната година, анализира Aрсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Дека широка коалиција ќе помогне во ковид-кризата не верува ниту премиерот Зоран Заев, но вели дека би го разгледал предлогот за широка коалициска влада, идеја која ја даде генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

„Секој предлог е вреден за размислување. Не верувам дека ако опозицијата влезе во владата нешто позначајно ќе се зголеми капацитетноста на државата. Зошто? Заради неодговорноста? Посебно на македонската опозиција. Затоа верувам дека оваа коалиција може да продолжи уште похрабро да ги истурка важните процеси, владеење на правото, кревање на економскиот стандард, унапредување на образованието, здравството, културата и сите други аспекти. Владата во полна пареа е насочена на секој сектор и целиот фокус е на владината програма. Верувам дека сите ќе пожнееме успеси на економски план, поддржани со успеси на владеење на правото кои можат да ја помогнат економијата“, изјави Заев.

Таравари смета дека по формирањето широка коалиција треба да се оди и на предвремени парламентарни избори заедно со локалните кои треба да се одржат наредната година.

„Сега да се формира широка коалиција поради коронавирусот, а потоа заедно со локалните избори да одиме и на нови предвремени парламентарни избори“, рече Таравари пред два дена на ТВ21.

Следните локални избори ќе се одржат во октомври 2021 година. На минатите во 2017 година, 45 општини добија градоначалник во првиот круг, додека во 35 преминаа на втор круг гласање. СДСМ во прв круг победи во 37 општини и во градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ победи во три, а ДУИ во две општини. Во вториот круг СДСМ победи во 19 општини, ДУИ во осум, а ВМРО-ДПМНЕ во две. Три градоначалници освои Алијанса за Албанците, додека Беса и ДПА добиле по еден мандат.            (Ј.Ц.Г.)