Мора внимателно да се крои за да не се унакази…: „Уа, шнајдери!“ -џиновски ножици за културата

106

Џиновските ножици со натпис “Уа, шнајдери”, која вчера беше поставена на булеварот Партизански одреди, е најнов и еден од најоригиналните начини да се искаже реакција и незадоволство од распределбата на средствата во културата, скандал кој деновиве ја тресе јавноста.

Ножиците го привлекоа вниманието на голем број минувачи, кои застанаа да ја прочитаат содржината на таблата на која пишува:
“Двапати мери, еднаш сечи. Културата мора внимателно да се крои за да не биде после осакатена, монтирана, лепена и сечена. Културата не може и не смее да биде монета за поткусурување и пеглање на партиските интереси, политикантите и апетитите на поединците”.

Во рамките на текстот се додава дека културата е жива метрија и не смее да биде умртвувана заради повисоки интереси”.

“Недозволиво е организации стари 10 дена да имаат предност над културното наследство старо 10 века. Сите присутни во националната стратегија за култура треба да се пресликуваат во годишните програми, а не да се изоставаат на страна”, се додава во објаснувањето на поставената инсталација.

Реакциите на оние кои сметаат дека неправедно се оштетени не стивнуваат од самото објавување на резултатите од распределбата на средствата во културата, а на оваа тема се огласи и Младинскиот културен центар, чиј прв човек Русе Арсов, истакна: “Тројца луѓе, колку и да се професионални не можат да одлучат врз основа на 500, 600, 700 сектори за распределба на јавни средства. Треба да се работи на комплетна промена на моделот на финансирање и распределба на тие средства, а не за тоа да се решава во кабинети и во некои мали комисии”.

До затворањето на весникот, освен од комисијата за музика и фолклор, кои завчера признаа пропуст само кај “Златно славејче# и комисите за драмска дејност и визуелни уметности и, архитектура и дизајн кои остануваат на ист став, извештаи од други комисии при повторното разгледување на одбиените апликанти, не пристигнаа.