Мораториумот на отплата на кредитите ќе продолжи и по септември?!

Постои можност граѓаните да бидат ослободени од плаќање на ратите за кредитите и по септември, кога истекува оваа мерка. Неофицијално, банките веќе прават пресметки, а од Македонската банкарска асоцијација информираат дека доколку во натамошниот период околностите поврзани со пандемијата на ковид-19 наметнат потреба од нови активности, нејзините членки ќе ја разгледаат можноста за понатамошна помош на населението и стопанството.

673

Постои можност граѓаните да бидат ослободени од плаќање на ратите за кредитите и по септември, кога истекува оваа мерка.

Неофицијално, банките прават пресметки дали оваа мерка може да продолжи и од октомври, а од Македонската банкарска асоцијација велат дека доколку во натамошниот период околностите поврзани со пандемијата на ковид-19 наметнат потреба од нови активности, нејзините членки ќе ја разгледаат можноста за понатамошна помош на населението и стопанството. Но, исто така посочуваат дека сега нема услови да се предвидат настаните.

-Македонската банкарска асоцијација и нејзините членки активно ја следат економската состојба во државата и максимално се заложуваат преку своето работење да дадат поддршка за македонската економија, како во периодот на корона-кризата, така и во посткризниот период, придонесувајќи за нејзиното опоравување. Доколку во натамошниот период, околностите поврзани со пандемијата на ковид-19 наметнат потреба од нови активности, членките на Македонска банкарска асоцијација ќе ја разгледаат можноста за понатамошна помош на населението и стопанството во услови на пандемија. Во овој момент нема услови да се предвидува развојот на настаните и да се коментираат следните активности, велат од МБА за весникот ВЕЧЕР и додаваат дека се целосно посветени на изнаоѓање на решенија за надминување на проблемите предизвикани од оваа криза.

Мораториумот на кредитите како владина антикризна мерка почна да се применува во април и тогаш дури 70 проценти од кредитокорисниците се изјаснија за одложување на ратите за период од шест месеци, до крајот на септември. Но додека трае мерката ним им се пресметува камата на долгот, која ќе се прераспредели на подоцнежните рати. Исто така, дадена е и можност граѓаните кои прифатиле одложено плаќање на кредитите да ја сменат одлуката и да продолжат редовно да си ги намируваат ратите. Банкарите советуваат оваа мерка да не ја користат граѓаните кои се во можност редовно да си го намируваат долгот. Според нивните анализи, најголем процент од замрзнатите кредити се потрошувачки, а помалку се хипотекарни, односно станбени.

Опцијата за пролонгирање на овој мораториум за отплата на кредитите ја отвори и гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Таа уште во април, кога стартуваше мерката, рече дека е можно да продолжи и по септември  доколку се случи втор бран на кризата.

– Засега е даден период овие поволности да важат до крајот на септември, но подготвени сме, доколку има втор бран, да ги продолжиме, рече таа. Гувернерката тогаш изјави дека како централна банка се подготвени да го направат тоа.

(С.В.)