Мораториумот во Центар и Карпош градењето станови го пресели во Ѓорче Петров

Во екот на сезоната, во мај годинава, во државата стартуваше изградбата на само 463 станови, за колку има одобренија за градење. Во мај лани според Државниот завод за статистика се издадени дозволи за градење на неколку станови повеќе, односно 477, додека пак во истиот месец во 2017 година, пред мораториумите општините низ државата издале градежни дозволи за 1.078 станови

286

Понудата на нови станови последниве две години е десеткувана. Сега во текот на еден месец сите општини во државата заедно издаваат одобренија за градење колку што претходно издавала само една скопска општина.

И покрај тоа што во државата има над 5.000 станови кои стојат празни, непродадени, градежниците тврдат дека причината за оскудната продукција лежи во мораториумот за градење на голем број атрактивни локации во скопските општини Центар и Карпош и застоите во издавањето на градежни дозволи од општината Аеродром. Резултат на оваа ситуација е во екот на сезоната, во мај годинава, во државата да стартува изградбата на само 463 станови, за колку има одобренија за градење. Во мај лани, според Државниот завод за статистика, се издадени дозволи за градење на неколку станови повеќе, односно 477, додека пак во истиот месец во 2017 година, пред мораториумите, бројот на становите што почнале да се градат бил речиси три пати поголем, односно општините низ државата издале градежни дозволи за 1.078 станови.

Но, и во услови кога градењето станбен, а и друг простор е оневозможено на локациите каде што недвижнините се најбарани, станови и понатаму најмногу се градат во Скопје. Од вкупниот број предвидени станови со дозволите од мај, 211, што е скоро половина, се градат во главниот град. Но, овој пат наместо во Центар, Карпош и Аеродром, градежната механизација е стационирана во Ѓорче Петров. Таму се во изградба 128 станови. Поголем број станови, или 35 се градат уште во Гази Баба, додека во Аеродром, една од трите најатрактивни локации  до пред две години, во изградба е само 31 стан.

Градењето станбен простор е намалено и во другите региони. Така, во Вардарскиот во мај се издадени одобренија за градење на само два стана, додека во Источниот 73, од кои најголемиот дел во Кочани. Во Југозападниот регион се градат 45 стана, во Југоисточниот 18, во Пелагонискиот  девет, во Полошкиот 105, а во Североисточниот ниту еден.

Ако граѓаните кои купуваат стан во Скопје сега се принудени да го менуваат вкусот кога е во прашање локацијата, тие и понатаму се држат до правилото да се купи стан со што повеќе спални соби, а со што помала квадратура. Најмногу, дури 80 од становите што се во изградба во Скопскиот регион се со две соби. Во мај почнала изградбата и на поголем број, или 53 еднособни, а 46 се трисобни.

Од сите станови што се градат низ државата, најбројни се трисобните. Такви во изградба се 154, или со три соби е секој трет од вкупниот број.

(С.В.)