Момент на вистината за Боки и за Катица

78

Точно напладне, утре, првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13, во обвинителството за организиран криминал првпат ќе даде исказ за аферата „Рекет“. Ден потоа, односно во вторник, на распит ќе биде донесена и разрешената специјална обвинителка Катица Јанева, која е осомничена во аферата. Поради затворските правила, и за неа е резервиран пладневниот термин за распит.

Пред три дена, судот ѝ го продолжи притворот на Јанева за нови 30 дена, а судијата на претходна постапка ја одби понудената гаранција во имот.

Адвокатка на Јанева, Ирена-Фрчкоска, во интервју за „360 степени“ вели дека и биле презентирани селективни докази и оти од она што го видела не произлегува било каква инволвираност или индиции на постоење на основано сомнение дека Јанева го сторила делото за кое се сомничи.

За снимките во кои се слуша како Јанева комуницира со осомничени лице кое е предмет што го води СЈО, Фрчкоска вели дека тие разговори ги толкуваат во насока на изјавата на Јанева дека се работело за евентуална соработка како сведок во друга постапка.

Според Фрчкоска, ќе треба да се види дали овие снимки ќе може да бидат искористени како докази во кривичната постапка бидејќи тие не може да се поистоветат со снимките што ги користи СЈО во постапките.

– Не може да се поистоветат снимките што СЈО ги третираше како докази и овие снимки. Снимките од нелегалното прислушување беа озаконети со Закон за СЈО, а овие докази се третираат како докази кои се прибавени на незаконит начин и како такви треба да бидат издвоени од постапката, смета Фрчкоска.

Пред да биде приведенa, Катица Јанева веќе даде исказ во Обвинителството, во својство на сведок, придружувана од адвокатот Стеван Павлевски.

Ден подоцна Јанева беше притворена. Обвинителката Вилма Русковска ја осомничи разрешената специјална обвинителка дека овозможила Боки 13 и Зоран Кичеец да ќарат 1,5 милион евра од Орце Камчев, а за себе добила мебел вреден 5000 евра. За сметка на ова, под влијание пак на Јовановски, Јанева прифатила на бизнисменот Камчев да му биде олеснета позицијата на осомничен во истрагата „Империја“.

Досега во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.