Еден од најдобрите снукер играчи на сите времиња Рони О‘ Саливан ја спореди својата кариера со онаа што ја имаат тенисерот Роже Федерер и голферот Тајгер Вудс и во таа прилика истакна дека во некои параметри тој е поуспешен од нив.

-Најдобриот начин да ја оцените својата кариера е да се споредите со другите. Гледам што направија Роже Федерер и Тајгер Вудс во тенисот и голфот. Тие имаа четири главни турнири во годината, додека ние имаме три, но јас подолго сум на турнирите и мојот рекорд изгледа подобро, изјави 42-годишниот Англичанец.

О‘Саливан и оваа сезона освои неколку трофеи, меѓу кои Мастерсот во Шангај и првенството на Велика Британија.

-Константноста е клуч. Сè што е во врска со тоа е во ред, особено ако тоа трае еден подолг период. Освоив многу големи турнири во текот на кариерата, но во исто време бев и под голем притисок. Мислам дека тоа треба да биде во рангот на најголемите достигнувања кое некој може да го оствари во светот на спортот, изјави Англичанецот.

Тој истакна и дека играчите се најголеми виновници за популарноста на спортот.

-Никогаш не би гледал тенис доколку не играат Федерер, Ѓоковиќ и Надал. Не би гледал ниту фудбал ако не е Меси, како ни голф да не беше Вудс.

Саливан кариерата ја започна во 1992 година и од тогаш пет пати ја освојува титулата светски шампион.