Мозамбик: Луѓето бегаат од Палма по терористичкиот напад, има многу повредени

59

По неколкудневните борби во крајбрежниот град Палма во северниот дел на Мозамбик, во јавноста се појавуваат се повеќе детали за бруталноста на нападите на џихадистите, јавува ДПА.

Организацијата „Лекари без граници“ (МСФ) денеска соопшти дека лекува луѓе кои побегнале од Палма во другите области на провинцијата Кабо Делгадо. Таа соопшти дека е „крајно загрижена за влијанието што оваа нова појава на насилство го има врз и онака веќе многу ранливите групи луѓе“, се наведува во соопштението.

„Лекарите без граници“ во понеделникот пристигнаа на полуостровот Афунги, во близина на Палма, за да им помогнат на луѓето кои бараат засолниште. Многумина биле трауматизирани, дехидрирани и гладни, а некои имале и тешки повреди.

-Ние се грижевме за едно бебе со рана од куршум. Бремените жени, исто така, доаѓаат во ужасна состојба – една жена, која се чинеше дека е бремена во седми месеци, имаше интензивно крварење, а нејзиното бебе веќе почина, изјави Силви Кацмарчик, координатор на „Лекари без граници“ во Кабо Делгао.

МСФ се обидува да лоцира и други групи луѓе кои се избегани низ покраината.

Околу 100 милитанти на 24 март изведоа упад во градот Палма, богат со гас. Исламската држава, која ја презеде одговорноста за нападот, соопшти дека ја презела контролата над градор и дека убила повеќе од 55 припадници на безбедносните сили на Мозамбик, потсетува ДПА.

Владата нема официјален извештај за состојбата во Палма.

Извор: МИА