Можеби е малку, но е од срце!

571

Оваа хуманитарна активност на Градскиот плоштад ја поттикна Али Февзи, на сите добро познатиот хуманитарец од Чаир, кој добил повик за помош од турски студенти што студираат овде. – Засега, собрана е помош за околу 200 семејства. Најмногу се донираат хигиенски средства, облека, детска облека, ќебиња, капи, итн. Досега испративме два камиона со собрана помош во Турција. Во текот на денов, очекуваме да се испрати еден шлепер со помош, кој ќе биде транспортиран за Турција. До сабота, до кога ќе биде отворен пунктот, очекувам да собереме помош за 500 семејства – изјави Февзи

Во овие тешки моменти за турскиот и за сирискиот народ по катастрофалниот земјотрес што погоди делови од двете држави и остави разурнати домови и раселени лица, Скопје, градот на солидарноста, и овој пат ја покажа хуманоста на дело. На градскиот плоштад „Македонија“, хумани граѓани донесоа топла облека, храна, ќебиња и сè што им е потребно на луѓето во настраданите подрачја.

Скопјани, но и жители од другите градови, постојано доаѓаат пред белиот шатор на кој се истакнати симболите на Република Турција и постојано носат полни ќеси, торби, па и куфери со облека. Некој носи хигиенски средства, кој како имал, за да им биде доставено на настраданите во земјотресот во Турција.

– Оставив облека, ќебиња, чевли, ракавици, капи, панталони, блузи бидејќи е зима, а времето е студено. Сите се здрави и чисти. Знам што значи катастрофален земјотрес. Сум имал три години кога се случил земјотресот во Скопје. Родителите ми раскажуваа што се случувало тогаш, па затоа решив да помогнам – вели Драги Целевски од Центар.

Друг граѓанин од Карпош 4 вели дека остава џемпери, јакни.

– Јас сум еден од оние што го преживеаја скопскиот земјотрес. Во него загубив четворица блиски од семеjството: брат, снаа и двајца внуци и знам како изгледа сето тоа. Можеби е малку, ама е од срце. Тоа е облека што ќе стопли некого – истакна тој.

Мирослав Антевски, оперски пејач, дошол дури од Влае за да донесе помош на Градскиот плоштад. И тој имал слично искуство од скопскиот земјотрес како и претходните.

– Имав три години кога се случи скопскиот земјотрес. Ја загубив сестра ми. Мене едвај жив ме извлекле – се сеќава Антевски со тага.

Нада Беришиќ, пак, донесе две јакни, капут, џемпер, панталони, капи и шалови. Смета дека луѓето треба да си помагаат меѓусебно.

– Треба да помагаме. Иако немаме многу финансиски средства во оваа криза, можеме барем со друго да помогнеме, колку-толку – нагласи таа.  

Оваа хуманитарна активност на Градскиот плоштад ја поттикна Али Февзи, на сите добро познатиот хуманитарец од Чаир, кој добил повик за помош од турски студенти што студираат овде.

– Досега е собрана помош за околу 200 семејства. Најмногу се донираат хигиенски средства, облека, детска облека, ќебиња, капи, итн. Досега испративме две камиончиња собрана помош во Турција. Во текот на денов, очекуваме да се испрати еден шлепер со помош, кој ќе биде транспортиран за Турција. До сабота, до кога ќе биде отворен пунктот, очекувам да собереме помош за 500 семејства – изјави Февзи.

Нему му помагаат волонтери, кои ја селектираат помошта и ја пакуваат во картонски кутии. Волонтерите се студенти од Турција, кои се од Анадолија.

Февзи упати апел да се пријават уште доброволци, кои би ја средувале помошта.

Помошта, вели Февзи, пристигнува не само од скопјани туку и од граѓани од другите градови. Потоа, турската фирма „Лимак“ ја транспортира помошта од Градскиот плоштад директно во Турција, онаму каде што е најпотребна. Освен „Лимак“, во транспортот помагаат и други општествено одговорни компании.

За организирање на оваа хуманитарна активност, како и за доаѓањето камиони на Градскиот плоштад за да ја подигнат помошта и за да ја транспортираат за Турција, има одобрение од Град Скопје.

Пунктот на Градскиот плоштад е отворен 24 часа, а ќе функционира до сабота.

Освен овој пункт, од денеска напладне е отворен и пункт за помош на настраданите во земјотресите во Турција и во Сирија и кај бараките на Општина Гази Баба. Пунктот за собирање помош за настраданите во земјотресот во Турција и во Сирија го отвора здружението „Акцијаши Скопје“.

Оттаму информираат дека може да се донираат алишта, нерасиплива храна, конзервирана, средства за лична хигиена, како и пијалаци – вода, сокови… Пунктот ќе работи секој ден од 12 до 17 часот.

Потпретседателот на здружението „Акцијаши Скопје“, Сашо Јовановски, вели дека, најверојатно, собраната помош ќе се дистрибуира преку Црвениот крст.

(А.П.) – Фото: Ѕвонко Плавевски