„Моето детство во пандемија“

44

По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари, Општина Центар распиша литературен конкурс за учениците од основните училишта во Центар на тема „Моето детство во пандемија“, инспирирана од глобалната здравствена криза со коронавирусот и нејзиното влијание врз психолошката состојба кај учениците и нивните промени во однесувањето.

На конкурсот учествуваа ученици од сите осум општински училишта во Центар, односно, ученици од одделенска настава од трето до петто одделение и ученици кои посетуваат предметна настава.

– Сметавме дека овој литературен конкурс ќе ги поттикне учениците да творат и на креативен начин да ги искажат негативните емоции предизвикани во време на пандемија. Би сакал да им честитам на првонаградените ученици и нивните ментори за успешната работа – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Општина Центар награди вкупно 16 ученици, кои добија благодарници за нивната успешна работа и подарок книги од „Просветно дело“, како поддржувач на општинскиот литературен конкурс.

Со почетокот на второто полугодие од учебната година, Општина Центар во соработка со педагошко – психолошките служби во основните училишта во Центар, започна да спроведува тематски часови и консултативни средби со учениците и родителите. Целта е стручните служби да разговараат за актуелни и чувствителни теми, како и насоки за позитивно однесување за полесно справување со последиците од коронавирусот.