Доктор Ратко Наумовски, раководител на Инфективното одделение во Клиничката болница во Гостивар, за весникот ВЕЧЕР потврдува дека модуларната болница ќе продолжи со работа, но таму во иднина ќе се хоспитализираат само пациентите кои се со лесна клиничка сила, за кои не е потребна кислородна поддршка. Премиерот Зоран Заев укажува дека модуларните болници се безбедни, градени се согласно со стандардите,а во нив досега се спасија илјадници животи. Од денеска во Тетово, во истрагата се вклучи и германскиот тим од Федералната криминалистичка служба кои што треба да ги утврди причините за пожарот во тетовската модуларна болница каде што се случи страшна трагедија

Модуларните болници во Македонија не се затвораат и покрај тоа што во јавноста се шпекулираше дека тие повеќе нема да примаат пациенти. Ова уследи откога за три минути изгоре во пожар модуларната болница во Тетово, во која животот го изгубија 14 пациенти, а 12 беа спасени и пренесени во Клиничката болница во Тетово.

Истрагата за утврдување на причините за пожарот е во тек, а од денеска во Тетово се вклучи и германскиот тим од Федералната криминалистичка служба. Тимот е составен од четворица експерти и тоа од двајца крим-техничари и форензичари за истражување пожари и двајца крим-техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање.

Што се однесува за модуларната болница во Гостивар, таа ќе работи сè додека има пациенти кои се заразени од ковид-19 и имаат потреба од болничка лекарска услуга. Ова е ставот на директорот на Клиничката болница – Гостивар, д-р Јакуп Јакупи, кој за весникот ВЕЧЕР потврди дека таа може да остане празна само доколку нема пациенти.

-Додека не се испише и последниот пациент, модуларната болница во Гостивар ќе биде во функција. Се надевам дека бројот на заразени ќе се намалува и само од тие причини нема да ни биде потребна – вели д-р Јакупи, реагирајќи ги шпекулациите во јавност дека оваа модуларна болница ќе биде затворена.

Доктор Ратко Наумовски, раководител на Инфективното одделение во Клиничката болница во Гостивар, за весникот ВЕЧЕР, исто така, потврди дека модуларната болница во Гостивар ќе продолжи да прима пациенти, но таму во иднина ќе се хоспитализираат само пациенти со лесна клиничка слика, за кои не е потребна кислородна поддршка.

–Има пациенти кои иако имаат полесна клиничка слика, но и покрај тоа неопходно е да бидат под болнички надзор. Тие нема да бидат на кислородна поддршка и затоа ќе се хоспитализираат во модуларната каде што работат специјализанти, додека средно тешките и тешките случаи ќе бидат згрижени на инфективното одделение каде што има доволно инфектолози кои ќе се грижат за нив – вели за весникот ВЕЧЕР инфектологот д-р Ратко Наумовски.

Според него, во моментов на Инфективното одделение во гостиварската болница се сместени 14 пациенти, од кои шест се на кислородна поддршка. Тројца пак од нив се во сериозно тешка состојба, со многу ниска сатурација, но и со други коморбидитети.
Доктор Наумовски како лекар, но и како човек чувствува голема тага за настраданите лица во модуларната болница во Тетово.

-За мене како лекар секој човечки живот е драгоцен, без разлика на возраста на пациентот, неговата националност или верска припадност. Целиот медицински тим деноноќно се бориме за секој пациент, многу тагуваме кога битката ќе ја изгубиме, за жал, многу семејства се завиени во црнина – вели д-р Наумовски и апелира сега кога е раширен вирусот и на отворено да се носат маски и да се одржува дистанца.

Тој порачува тие што не се вакцинирани тоа да го сторат што побрзо, за да се постигне колективен имунитет и да се намали бројот на зазарените од ковид-19.

Во врска со информациите во јавноста дека деновиве е запрена градбата на уште трите модуларни амбуланти, кои требаше да ги заменат дотрајаните и руинирани бараки во Ѓорче Петров, Ново Лисиче и Бутел, од Министерството за здравство ја демантираат ова за нив шпекулација. Тие информираат дека замената на привремените објекти од амбулантно-поликлиничка дејност, се одвиваат согласно планираните активности и дека на терен се одвиваат активности поврзани со инфраструктурни приклучоци.

Премиерот Зоран Заев кажа дека во иднина ќе се испитуваат ваквите објекти, бидејќи се работи за сензитивно прашање.

-И од оваа трагедија има поуки, се прават дополнителни контроли на сите модуларни болници низ земјава, и веројатно долг период пред нас ќе бидат предмет на испитување ваквите болници.- вели Заев.

Премиерот Заев укажува дека модуларните болници се безбедни,градени се согласно со стандардите, а во нив досега се спасија илјадници животи.

-Тие се истиот тип како и насекаде во светот,а во нив се спасија илјадници животи и во моментот во нив се лекуваат околу 200 наши граѓани, изјави Заев, додавајќи дека проверките во модуларните болници се засилени и дека се контролираат и од противпожарен и од безбедносен аспект.

Тој препорачува да почекаме, за да ги видиме форензичките извештаи

(В.Ма.)