Модриќ на продажба веќе во јануари

80

Нема никаква дилема дека 2018 година беше година на хрватскиот интернационалец Лука Модриќ. Со репрезентацијата на Хрватска играше во финалниот дуел од Светското првенство во Русија, трет пат по ред го освои пехарот во Лигата на шампиони и ги освои сите можни индивидуални награди. Сосема очекувано, круна на успешната година беше најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет – „Златната топка“ на Франс Фудбал.

За жал, потоа следуваше еден голем пад. Лука Модриќ е првиот фудбалер во историјата кој не доби шанса да ја брани „Златната топка“, а според пишувањата на шпанските и италијанските медиуми, раководните лица на Реал (М) сакаат да се ослободат од неговите услуги веќе за време на зимскиот преоден рок.

Италијанскиот „Калчомеркато“ пишува дека „кралскиот клуб“ ќе го продаде хрватскиот интернационалец веќе во јануари доколку официјалната понуда за неговите услуги не биде помала од 10 мил. евра. Истиот портал пишува дека фаворити за неговиот потпис се лутите градски ривали, Милан и Интер.

Кога е во прашање актуелната сезона, поради неколку најразлични повреди, Модриќ одигра само пет натпревари во Примера дивизион и поради таквата ситуација, шефот на стручниот штаб, Зинедин Зидан, има дојдено до заклучок дека повеќе нема потреба од услугите на 34-годишниот играч за врска.

Поранешниот фудбалер на Динамо (З) и Тотенхем, има договор со „кралскиот клуб“ до 30 јуни 2021 година, но нема шанси да го одработи до крајот.