Меѓународниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал” објави отворен повик за пријавување филмови за 12-тото издание, кое ќе се одржува од 25 ноември до 1 декември 2021.

Право да се пријават имаат сите филмови снимени со мобилен телефон кои не се подолги од 10 минути и кои не биле пријавени на претходните изданија на „Мобил фестивал”. Во конкуренција ќе влезат сите филмови што ќе пристигнат до крајниот рок за пријавување – 15 ноември 2021 година. Филмовите може да се пријават на електронската адреса: mobifestkonkurs@gmail.com или преку профилот на фестивалот: FilmFreeway.

Селектираните филмови ќе влезат во конкуренција за: Награда за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале”; Награда за најинвентивен филм; Награда за најоригинална приказна; Награда за најдобра идеја и Награда за најдобар филм во домашната програма „Млади таленти”.

Најдобрите филмови ќе бидат прикажани во натпреварувачка програма на интернационалните фестивали кои се во мрежата фестивали за филмови снимени со мобилен телефон, а се во партнерство со „Мобил фестивал”. Организатор на фестивалот е продуцентската куќа „КТ Филм и Медиа”. Фестивалот е поддржан од Град Скопје.