Министерството за надворешни работи на Македонија, испрати писмо до Министерството за надворешни работи на Србија во кое ги осудува провокативните пароли и навреди од страна на навивачката група „Гробари“ на натпреварот меѓу ракометните клубови Партизан и Вардар во Белград.

Како што се наведува во соопштението, тие непријатни активности на навивачите на Партизан „покрај тоа што ги нарушуваат принципите на фер и спортски дух, длабоко го повредуваат достоинството на Република  Македонија и нејзините граѓани“.

Министерството  за надворешни работи на Маедонија посочи дека „ваквите реакции на групи поединци воопшто не се во духот на одличните билатерални односи што ги одржуваат двете земји“.

„Српската страна, преку својот амбасадор во Македонија, го изрази своето жалење и се огради од овие изолирани случаи на поединци, кои на ниту еден начин не ги одразуваат позициите на официјален Белград во однос на нашата земја, ниту пак се во духот на взаемна определба и за севкупно зајакнување на билатералните односи“, се наведува во соопштението, пренесува Бета.

Навивачите на белградски Партизан ги пречекаа ракометарите на скопски Вардар прво со грчко знаме, а потоа со провокативни пораки дека револуционерот Гоце Делчев е Бугарин, а името на навивачката група на скопскиот клуб „Комити“ е српско име.

На натпреварот од СЕХА лигата меѓу Партизан и Вардар, одигран во Белград на 28 февруари, навивачите непримерно скандираа против Македонците и кренаа транспарент на кој пишуваше: „Групата со српското име која слави бугарски војник, мора да е тешко со таа криза на идентитетот во вашата глава“.