Наредната година сигурно ќе останам во Македонија, планирам да играм одбојка и да работам како тренер со младите категории,  а дали ќе станам македонска снаа – само Бог знае. Но, пак ќе кажам дека многу ми е убаво и интересно тука и се чувствувам исто како дома, бидејќи луѓето се многу добри и сакаат да помагаат – вели Тетјана Машковска – украинска одбојкарка која во Скопје најде засолниште од војната

Не секогаш работите во животот се одвиваат онака како што сме планирале. Некогаш плановите се менуваат од ден во ден, па дури и од час во час. Затоа може во еден момент да се најдеме на место за кое не сме ни сонувале дека ќе бидеме. Таков е случајот со украинската одбојкарка Тетјана Машковска и со нејзините две другарки Валерија Собол и Валентина Осипчук, кои во нашата земја најдоа засолниште од војната. Поточно во одбојкарскиот клуб „Јанта волеј“, а виновник за сето ова е одбојкарскиот работник Горан Јаневиќ-Јанта. Во разговор за весникот ВЕЧЕР, на македонски јазик, таа раскажа како успеала да дојде до Македонија и да се засолни во одбојкарскиот клуб „Јанта волеј“, но и дека тука си ја нашла љубовта.

– Како се случи да дојдеш во Македонија и да почнеш да играш во клубот „Јанта волеј“?

Не планирав да дојдам во Македонија и тука да играм одбојка. Јас сум од Винице, но играв за градот Житомир. Но, утрото тој 24 февруари, како и вообичаено, почнав да се подготвувам за на тренинг кога ми се јави мајка и ми кажа дека почнала војната. „Мамо, каква војна?!“, ѝ вратив, не верував во такво нешто. Но, кога ги прегледав вестите на Интернет, веќе ми беше јасно. Во тоа време, играв во професионалниот клуб во Суперлигата на Украина, клубот се вика „Житомир полиса“, но веднаш се вратив дома, во Винице и таму останав два дена. Кај мене дојдоа другарките од мојата екипа и ми кажаа дека ќе одат во соседниот град со слично име, Виница и ме викнаа да одам со нив, подалеку од бомбите. Три дена седевме во бункер од 24 до 27 февруари, бидејќи постојано имаше бомбардирања. Многу ни беше страв. Но, успеавме да дојдеме до Молдавија, а потоа и до Букурешт (Романија), што беше среќа за нас, бидејќи токму таму го сретнавме сопственикот на одбојкарскиот клуб Горан Јаневиќ-Јанта, кој нè покани да дојдеме во Македонија. Не се двоумевме, не ја испуштивме шансата. Имавме среќа да се запознаеме со човек кој е експерт за ракомет, и прифативме. Сакавме да продолжиме со тренинзите, бидејќи моравме нешто да правиме за да не мислиме премногу на ситуацијата во нашата земја. Морам да кажам дека имавме многу тешки моменти… бевме далеку од дома, сменивме неколку држави, но многу ни помогнаа од „Јанта волеј“. Како вистинско семејство нè прифатија, правеа сè за да се вклопиме побрзо во новите услови. Јас и моите две другарки добивме сè што ни беше потребно. Всушност, кога стигнавме тука, немавме ни многу работи. Јас дојдов тука со еден куфер, ги собрав само неопходните работи и избегав. Тука, од клубот ми дадоа патики, опрема и сè друго што ми беше потребно. Сега сме дел од клубот „Јанта волеј“, вежбаме, многу ми е важно што има тимски дух и се надевам дека ќе стигнеме до највисоката титула.

– Дали би останала да играш во Македонија и да го продолжиш животот тука?

Кога пристигнав во Македонија, првите неколку недели бев многу нервозна, не бев воопшто наспана. Во Украина немавме можност да спиеме, постојано бевме на штрек, често слушавме сирени за тревога и моравме да трчаме во бункер. Но потоа, кога се смири ситуацијата, ми беше многу убаво. Навистина многу ми е убаво во Македонија. Се чувствувам исто како дома, само што народот е малку различен. Многу ми е интересно како се живее тука. Јас планирам наредната година да работам и да живеам тука, па ќе видиме што ќе се случи понатаму.

– Колку време ти требаше да го научиш македонскиот јазик?

Ми беше малку чудно на почетокот да зборувам на македонски. Имам момче од Македонија и тој со своите пријатели постојано зборува на македонски. Но, морам да кажам дека вашиот јазик е многу сличен со украинскиот. Цело време, прво внимателно слушав и зборував само на англиски, украински и на руски, сè додека не се опуштив и не почнав да зборувам на македонски. На почетокот, па и сега кога зборувам, правам многу граматички грешки, но најважно е дека луѓето ме разбираат. Не беше тешко, туку беше прашање на време кога ќе се опуштам да зборувам македонски. Сега одам на часови по македонски јазик за да ја совладам граматиката. Јас сум од Украина и навистина ми е многу потешко да зборувам на англиски отколку на македонски. Сега ми е многу полесно да се разберам на кое било место. Дополнително требаше да го научам јазикот затоа што планирам наредната сезона да работам како тренер со деца, а сите тие не знаат англиски и ќе мора да се разбереме на македонски.

– Кажа дека во новата сезона планираш да работиш и како тренер, може да ни обелодениш нешто повеќе за тоа?

Наредната година ќе бидам многу активна на теренот, покрај тоа што ќе играм во категоријата на сениори, ќе работам и како тренер во младите категории на тимот. Навистина одбојката ме исполнува и затоа максимално ќе ѝ се посветам. Што се однесува до моите две другарки со кои дојдов тука и со кои играм во „Јанта волеј“, знам само дека Валерија планира да остане тука, сака да игра тука.

– Колку се разликува одбојката тука од онаа во Украина, од професионален аспект?

Многу е различно. Во Украина, одбојката е еден од носечките спортови, бидејќи имаше пари, имаше спонзори и е многу попрофесионална за разлика оттука. Тука, овој спорт не е приоритет иако има многу високи и добри играчи кои може да играат во многу попрофесионални лиги. Дури и тимовите може да бидат рамноправни со оние што играат во посилните лиги. Но, морам да кажам дека во Украина одбојката е на повисоко ниво и е многу потешко да се игра таму.

– Откри дека имаш момче од Македонија, дали е можно наскоро да станеш и македонска снаа?

Наредната година сигурно ќе останам во Македонија, а дали ќе станам македонска снаа – само Бог знае. Но, пак ќе кажам дека многу ми е убаво и интересно тука и се чувствувам исто како дома, бидејќи луѓето се многу добри и сакаат да помагаат.

– За ова кусо време колку што си во Македонија, што најмногу ти се допадна, успеа ли малку да прошеташ?

Тука сè ми е убаво и интересно. Многу ми е интересно како живее народот. Во Украина, изутрина се излегува за на работа, се доаѓа навечер накај десет часот и веднаш се легнува. Тука, младите почнуваат да живеат од шест часот навечер до четири-пет сабајле и потоа пак на работа. Сè уште немам видено многу, но она што го видов од градот, многу ми се допадна. Во иднина, кога ќе имам повеќе слободно време, ќе прошетам повеќе.

– Успеа ли да пробаш нешто од македонските традиционални јадење и дали се слични македонската и украинската кујна?

Можам да кажам дека македонската и украинската кујна се многу различни. На почетокот многу ни беше чудно затоа што во Украина мора прво да јадеш супа, а тука не мора. Не е задолжително да се јаде супа, додека во Украина речиси со секој оброк има супа. Таму имаме над стотина видови супи, а тука само на ручек се јаде супа. Нема исто месо како во Украина, но морам да кажам дека и тука е убаво. Имам пробано гравче и уште неколку македонски традиционални јадења, и навистина сè е превкусно. Морам да кажам и дека рибата е превкусна тука, навистина многу ми се допаѓа.

– За крај, како одржуваш контакт со родителите и со блиските, кои сè уште се во Украина?

Со моите во Украина контактирам преку Интернет. Секој ден се јавувам и прашувам за состојбата таму. Таму, еден ден е мирно, два дена има бомбардирања. Може да биде и осум дена бомбардирање, па еден ден мирно. На почетокот од војната се војуваше само во Киев, но за кусо време се прошири и во другите градови. Едноставно не можеш да излезеш. Мора цело време да внимаваш да не ти падне некоја бомба. Секој ден мислам на моите и навистина ми е многу тешко. И да има можност сите да ги донесам во Македонија, тоа нема да биде остварливо. Ако може мајка ми да дојде, татко ми и брат ми сигурно нема, бидејќи е воена состојба. И да пробаат да ја минат границата, ќе ги вратат. Што се однесува до моите баба и дедо, не може да издржат толку долг пат. Јас три дена патував до Македонија, на граница чекав дури 28 часа. Моите баба и дедо нема шанси да го издржат ваквиот пат. Никој не знае кога ќе заврши војната. Украинскиот народ сака да живее по свое и Украинците на ја почнаа војната. Никој не ни треба, ние си имаме свои граници и не сакаме да нè закачаат. Но, Русија ги сака нашите ресурси, нафта… Сега имаме и претседател кој е за Украина, а претходните двајца им го дадоа целото оружје на Русите. Затоа сега немаме со што да се браниме и цело време пристигнува помош, неодамна пристигна и од Македонија. Сега имаме со што да се браниме и му се молам на Бога до зима да заврши оваа војна.

Славе ТАСЕВСКИ