Рускиот тенисер Данил Медведев, кој има најмногу победи оваа сезона изненадувачки е елиминиран уште во второто коло на Мастерсот во Париз. Русинот е поразен од Французинот Жереми Шарди со 4:6, 6:2, 6:4. По шест финалиња по ред и две титули од Мастерс серијата во Синсинати и Шангај, Медведев потклекна во дуелот во легендарната „Берси“, но изјави дека наскоро ќе биде број еден во светскиот тенис.

-Тешко е да објаснам, јас бев задоволен и кога бев 15-ти на светот. Тогаш целта ми беше влез во ТОП-10, што не е лесно, но успеав. Можев да си кажам себе си дека тоа е доволно, но не сакав да застанам тука. Секогаш сакав да видам до каде можам да стигнам. Верувам дека тоа може да биде првото место на АТП листата. Ако не успеам, тоа ќе значи дека не сум доволно добар. Знам дека за да успеам во мојата намера, морам да работам многу напорно и тоа ми е целта, изјави Медведев.

Пласманот на завршниот Мастерс во Лондон меѓу осумте најдобри за Медведев отсекогаш било сон. Негов највисок пласман на еден грен слем турнир е финалето на САД Опен годинава, каде загуби во дуелот против Рафаел Надал.