ММФ: Мерките на Владата и Народната банка го ублажија ефектот на ковид-кризата врз економијата

48

Доброто управување и активностите на Владата и Народната банка ја задржаа макроекономската и финансиска стабилност и го ублажија ефектот на ковид-кризата врз економијата и општеството, потврдува Меѓународниот монетарен фонд во својата завршна изјава од 10-дневната редовна мисија во земјава, која се реализираше преку видеоконференции.

ММФ наведува дека високите капиталните расходи предвидени со буџетот за 2021 година можат да бидат двигатели на растот, како и дека со буџетот за 2021 се обезбедуваат бафери во случај да требаат да се преземаат нови мерки или, пак, за проширување на постојните како субвенциите за плати и надоместоците за оние кои би останале без работа. Исто така, посочува дека мерката за државна гарантна шема ќе помогне во обезбедување на ликвидност на фирмите.

Во завршната изјава монетарците препознаваат дека клучна цел на Владата е да се постигне поголем раст за да се подобри животниот стандард и конвергенцијата на приходот со другите европски земји, како и дека ова бара инвестиции во човечки и физички капитал. Во изјавата се наведува дека и покрај импактот на ковид-кризата во економијата, тоа не се одразило значајно врз стапката на невработеност.

– Политиките кои ќе ја поддржат домашната побарувачка, како и инвестициите, конкурентноста и извозната активност ќе продолжат и во 2021 година со цел побрзо закрепнување на домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на долг рок, посочил на завршниот состанок министерот за финансии Фатмир Бесими.

Од ММФ потенцираат и дека од суштинска важност е да се зачува независноста на Народната банка, што ќе и овозможи понатаму да ги остварува своите задачи за одржување на ценовната стабилност и за заштита на финансиската стабилност.

-Релаксираната монетарна политика е соодветна и НБРСМ е подготвена да дејствува соодветно за да го заштити дефакто фиксниот курс на денарот, оценува шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Баркбу.

Во изјавата, меѓу другото, таа истакнува и дека според оцените на мисијата на ММФ, вкупниот банкарски систем и понатаму е добро капитализиран и профитабилен.
Од мисијата на ММФ истакнуваат дека се очекува економската активност да закрепне во текот на следната година, но дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето.