Млади музичари од седум земји ќе го претстават културното наследство

21

По пауза од неколку децении, оваа година проектот „Етно Македонија“ повторно оживува, организиран од Музичка младина на Македонија.

Како дел од Програмата за народна, светска и традиционална музика „Етно“ на Меѓународна музичка младина (Jeunesses Musicales International), почнувајќи од вчера до деветти август во хотелот „Дрим“ во Струга се одржува камп на кој ќе учествуваат музичари од седум држави: Хрватска, Велика Британија, Германија, Унгарија, Белгија и Република Македонија.

– За време на кампот ќе работат заедно, ќе ја презентираат својата и ќе ја учат традиционална музика на земјите од каде што доаѓаат нивните колеги. Кампот ќе заврши со концерт на осми август со почеток во 20:00 часот во хотелот „Дрим“ – Кепенци.

На концертот, со интернационален репертоар ќе настапат заедно сите учесници. „Етно“ е програма за народна, светска и традиционална музика, основана во 1990 година, наменета за млади музичари на возраст од 16 до 30 години. Програмата „Етно“ денес присутна во над 30 земји, има за цел да го оживее и да го одржи во живот глобалното културно наследство, ангажирајќи ги младите луѓе преку серија годишни меѓународни музички кампови, како и работилници, концерти и турнеи, за промоција на мир, толеранција и разбирање, информираат организаторите.