МЛАДИТЕ СЕДНАА ПРЕД СОБРАНИЕ ПРОТИВ УВОЗОТ НА ОТПАД

104

Младите од Скопје денеска одржаа протестен собир со симболично седнување на улицата пред македонското Собрание. Ги предадоа нивните барања во Собранието и рекоа дека ќе ги чекаат пратениците да се смилуваат и да гласаат за предлог-законот со кој ќе забрани увоз на секаков отпад во земјава.

Тие изјавија дека излегуваат на улица затоа што Предлог-законот е заглавен во парламентот и сметаат дека со неговото изгласување ќе се донесе решение за, како што рекоа, секојдневното труење од согорување на отпад.

– Во ситуација кога аерозагадувањето руши светски рекорди, ова прашање треба да е прво на дневен ред, затоа што се работи за криза без преседан која ќе осакати цели генерации. Младите заминуваат од овде меѓу другото и затоа што не сакаат да дишат буквално канцер во гасовита агрегатна состојба. А кога сите индикации и мерења укажуваат на тоа дека согорувањето на отпадот како гориво во индустриските капацитети има огромен придонес за оваа состојба, немањето волја за тоа да се спречи укажува или на целосна отсеченост од граѓаните, чии интереси треба да ги претставуваат, или на вмешаност во целата операција со увозот на отпад. Најверојатно и двете истовремено – предупредува Иво Босилков, активист во Младинското движење за климатска правда „Петоци за иднината Скопје“.

– Ќе седиме, но не со скрстени раце, затоа што долгата битка, која минатата есен ја нарековме зелена револуција, продолжува во 2020 – порачаа од „Петоци за иднината Скопје“ и најавија радикализирање на протестите ако законот не помине.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини реше дека ги почитува граѓанските протести на кои тие го изразуваат своето законско право.

– Ја почитувам загрозеноста која ја чувствувате од загадениот воздух, но не можам децидно да кажам ДА или НЕ за целосна забрана на увоз на отпад. Во моментов и нашата држава извезува отпад, тоа е оној од ОХИС. Треба да ги разгледаме меѓународните закони и Базелската конвенција, а за таа цел планирам да ангажирам меѓународен правен експерт, бидејќи ќе се доведеме во ситуација, ако ние забраниме увоз, да ни забранат другите земји ние да извезуваме отпад – истакна Нуредини.

Тој потенцира дека освен увоз на отпад за преработка, во земјава не е влезен отпад за складирање.

– Увоз на отпад заради складирање и депонирање не е дозволен во нашата земја. Јас како министер нема да дозволам нашата држава да стане депонија за отпадот од другите земји – дециден е Нуредини.

Министерот потсети дека МЖСПП има единствено издадено дозволи за увоз на опасен отпад од типот „оловни акумулатори“ и тоа во количина од 12.500 тони и тоа за правни субјекти што поседуваат дозвола за третман и преработка на истите.

– Тие потоа се реупотребуваат, препродаваат или извезуваат како производи надвор од државава – рече Нуредини.

Најголема количина на увезен отпад кај нас претставува отпадно железо и челик, кои се класифицирани како неопасен отпад и инсталациите го користат како суровина.

– Само една инсталација во државава, а тоа е УСЈЕ поседува дозвола за увоз на алтернативно гориво РДФ и тоа од 25.000 тони годишно и истото, не е надминато  – истакна Нуредини.

(С.Бл.) – фото: Н. Батев