Младите не сакаат да се преквалификуваат, излезот го бараат во странство

197

Невработеноста на младите од 15 до 29 години во земјава е поголема од невработеноста на оние од 30 до 64 години. Според  податоците на Агенцијата за вработување (АВРСМ) 20.698 лица на возраст до 29 години се невработени. Повеќе фактори придонесуваат за оваа состојба, а меѓу нив и тоа што младите, долго по завршувањето на високото образование, чекаат да најдат работно место кое е согласно нивните квалификации, за на крај да работат, нешто што не е по нивна струка.

До 31 декември лани, податоците од АВРСМ покажуваат дека се евидентирани вкупно 20,3 отсто од невработените лица. Вкупно 52,8 отсто или 10.921 од нив се жени, а 47,2 отсто или 9.777 се мажи.

Според школска подготовка 36,9 отсто, односно 7.629 се без или со основно образование; 3,3 отсто или 675 се со непотполно средно образование; 40,3 отсто или 8.347 се со завршено средно образование; 0,2 отсто или 50 се со вишо образование, а 19,3 отсто или 3997 се со високо образование, вклучително 323 магистри на наука.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) во изјава за МИА појасни дека невработеноста на младите е поголема од невработеноста кај повозрасните лица поради фактот што младите поминуваат многу години по завршувањето на високото образование во чекање за работно место кое одговара на завршеното образование.

-Факт е дека најголемиот број на млади луѓе се запишуваат на некој од факултетите од општествените науки, а на индустријата и се потребни електро и машински инженери, технолози и други стручни занимања. Младите кои завршиле некој факултет од општествените науки немаат намера да се преквалификуваат и да работат нешто за што не се едуцирале, рече Димитров.

Според него, токму ова е причината што голем дел од младите својата иднина ја гледаат во странство, каде како што рече, исто така нема да работат она за што се едуцирале, но со повисоката плата го „компензираат“ овој проблем.

За надминување на овој проблем, Димитров појасни дека се потребни коренити реформи во системот на образование, кои би почнале со кариерно насочување уште во основното образование, стимулации за оние кои ќе се запишат на техничките факултети и како што рече, подигање на нивото на знаење во сите образовни институции.

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска, за МИА истакна дека доколку студентите доволно се вложат во дипломата, тогаш таа најдобро ќе го олесни патот до вработувањето.

-Секако дека универзитетската диплома го олеснува вработувањето на младите. И секој млад човек треба да се потруди таа негова диплома да вреди, односно тој самиот да ѝ даде вредност. Прво да го одбере факултетот каде ќе студира, а потоа чесно да учи, бидејќи токму во овој сегмент ние имаме проблем. Младите се трудат на лесен начин да дојдат до диплома. Доколку доволно сте се вложиле во дипломата тогаш таа најдобро ќе ви го олесни патот на вработување. Во одредени професии (лекар, архитект, правник итн.) не можете да влезете без диплома, вели Бачоска.

Сепак, според професорката, поради хиперпродукција на дипломи, таа станува девалвирана.

Извор:МИА