Младите кавадарчани ќе посетуваат работилници за позитивно ментално здравје и ќе учат турски јазик

40

Работилници за позитивно ментално здравје, часови по турски јазик, како и клубови за спорт, фотографија, книги и за драма, се само дел од активностите кои ги нуди Младинскиот центар во Кавадарци.

– Од понеделник стартуваат часовите по гитара, уметничкото катче, едукативните работилници, работилници за позитивно ментално здравје. Од први октомври младите ќе може да посетуваат часови по турски јазик, а започнуваат и спортски, драмски, филмски и клуб за фотографија. Имаме и клуб за книги. Во текот на целото работно време на центарот, младите може да дојдат да се дружат, да се напијат кафе или безалкохолен пијалак, да играат пинг-понг, друштвени игри, аркадни игри, дури и кога нема одредени активности – нагласуваат од Младинскиот центар.

Оттаму додаваат дека млади кавадарчани имаа можност да учествуваат на работилници за краток филм, а потоа и да изработат два кратки филма заедно со врсници од Германија и од Белгија.

– Станува збор за меѓународниот проект „Art for social change“. Проект за размена на методологии помеѓу три организации, од кои Младинска Организација Креактив Кавадарци е партнер од Македонија. Младите од Кавадарци заедно со млади и младински работници од Германија и Белгија во претходните денови учествуваа на работилници за краток филм. На крај изработија два кратки филма – појаснија од Младинскиот центар.