Младите заминуваат од Македонија, во раката држат билет во еден правец

Нацијата старее... може ли да се застане на патот да се прекине овој процес  ... Сè повеќе младата популација од земјава на возраст од 19 до 29 години лебот и мотиката ги бараат во некоја друга држава во светот. Последниве години речиси и да нема семејство каде што некој од младите не е заминал на работа во странство во  земји како: Малта, Германија, Норвешка, Шведска, Холандија, САД, Австралија...  

494

Македонската нација старее… речиси и да нема авион, автобус или воз  во кој  нема некој млад човек што ги спакувал куферите и тргнал по потрага за подобар живот во некоја држава во Европа или на друг континент. Иселеништвото како болна тема е актуелна во сите земји од регионот, а во тој процес не остана имуна ниту Македонија. Куферите за заминување ги пакуваат лица од различни возрасти и професии, но најмногу оние од 19 до 29 години.

Последниве години речиси и да нема семејство каде што некој од младите не е заминат на работа во странство во  земји како: Малта, Германија, Норвешка, Шведска, Холандија,  САД, Австралија…   Реално иселувањето во земјава  ќе донесе долгорочни негативни последици, како губење на човечки потенцијал и сила, кои треба да бидат движечки за државата и економијата во следниот период.

Дел од младите со кои контактираше весникот „Вечер“, велат дека експлоатацијата на трудот е како во капитализмот од 19 век, а платата е како во Африка.

– Работам од 10 до 12 часа во еден скопски маркет во населба Аеродром и земам плата од 12.000 денари. Често се случува да ме повикаат и кога не е мојата смена, а секако за да го задржам работното место одговорно се јавувам. Но веќе размислувам да си дадам отказ и да си ја побарам среќата во некоја друга држава – вели младиот скопјанец.

Слична е ситуацијата и со младите кои работат по сендвичарниците и кафулињата, кои велат дека платата е ниска, но станува пореална кога ќе се додаде бакшишот. Токму од овие причини летово имаше недостаток на лица кои што работат во услужните дејности, оти најголем број од нив заминаа на море како сезонски работници за да служат во тамошните кафулиња за многу повисоки плати.

Во разговорот тие ни ги отворија  срцата и ни посочија дека не е само економскиот аспект причина за нивното заминување туку се разочарани од политичките случувања, од корупцијата и неморалот на политичарите. Тие сè помалку им веруваат на институциите, едноставно не ја гледаат својата иднина и онаа на своето потомство во ваква држава каде што, иако во неа се родиле, не се чувствуваат пријатно.

 И Владата сериозно се загрижи за преселувањето на младата популација

Состојби со заминувањето на младата популација е сериозна, бидејќи загубата не е само за семејството, туку и за државата која губи со милиони евра. Токму последните анализи во соседна Србија велат дека од заминувањето на младите нивната држава изгубила околу две милијарди евра.

Токму затоа есенва Владата планира покачување на платите во повеќе сектори, но и  субвенционирање на придонесите за плати во приватниот сектор. Подготвуваат и неколку нови проекти што треба да ги мотивираат младите да останат во земјата, а една од клучните е да се намали невработеноста…

Во подготовки се и мерките како да се реализира побезболно покачувањето на минималната плата на 16.000 денари, како и покачувањето на просечната плата на 30.000 денари. Дел од владините мерки се во насока на субвенционирањето на придонесите при покачувањето на платите, односно придонесите за пензиско и здравствено осигурување за зголемување на платите до 100 евра ќе паднат на товар на државниот буџет. Според владини извори оваа мерката треба да биде воведена со октомвриската плата.

Власта верува дека ваквата мерка ќе им одговара и на работодавците. Во овие мерки се вклучени и платите за медицинскиот кадар  од 100.000 денари.

 Анализи на повеќе релевантни домашни и странски институции

И додека политичарите мудруваат, се препукуваат поради чии погрешни политики населението се иселува, повеќе испитувања на јавното мислење покажуваат дека над 80% од младите сакаат да ја напуштат државата. Се шпекулира за разни бројки на иселување, но сú уште статистички не дава точен одговор колку млади лица од Македонија водени од потребата за потрага по подобар живот, досега ја напуштиле земјава.

Светска банка располага со податоци дека половина од работоспособното население во земјава ниту посетува било каква обуки, ниту бара работа во земјава. Светските банкари располагаат со бројки дека од 2013 година од земјава се иселиле околу 600 илјади луѓе, а според статистичката служба на Европската Унија – Еуростат од 1998 до 2011 година, земјава ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, од кои најголем дел биле млади.

Според други анализи 76,7% од младите размислуваат да се иселат, и тоа пред сè во земјите членки на ЕУ, а како клучни причини за тоа најчесто се наведуваат материјалните услови и општествената атмосфера.

Праксата покажува дека во странство младите од земјава прифаќаат да работат секаква работа и притоа не се жалат што работат по 15 часа на ден, а дома им е понижување да работат за двесте евра.

Германија е најбарана земји за младите, така што дневно на социјалните мрежи за работа во Германија прашуваат од 300 до 500  лица, а дел од нив веќе  посетуваат курс по германски јазик. Последните статистички податоците велат дека лани во Германија среќата ја побарале 18.478 македонски државјани, од кои 7.812 не се вратиле во својата земја.

Половина од невработените во земјава не бараат работа

Но експертите сметаа дека не е само малата плата причина што младите кадри не се задоволни, на нив влијаат и  условите во кои работат, како и безбедноста на работното место. Според нив младите не реагираат само за платата, реагираат и на условите во кои живеат, односно во какви работни средини работат, со какви се фрустрации и каков вид мобинг претрпуваат на работните места.

Од Агенцијата за вработување  во неколку наврати е укажано дека околу 70% од невработените воопшто не одат во компаниите на интервју за работа. Од тие пак што одат најчесто половина од нив ја одбиваат понудата за работа, а како најразлични причини наведуваат дека не им одговара работното место, платата, смената…

Добар дел од граѓаните често се разочаруваат во потрагата по работа, затоа што многу компании само формално објавуваат огласи, но однапред знаат кого ќе стават на таа позиција.

Интересен е податокот што околу 30% од фирмите кои во изминативе години ги отвораа невработените преку програмите на Агенцијата за вработување веќе имаат клуч на врата. Во моментов во земјава има 190 илјади невработени лица, при што половината се пасивни баратели на работа.

(В.Ма.)