Максим и Софија Илиевски, брат и сестра атлетичари во АК „Работнички“, се ученици во IX и во VII одделение во основното училиште „Вера Циривири-Трена“ во Општина Карпош. Како и секој млад и талентиран спортист, тие веруваат во својот иден спортски успех, сонуваат за освојување златен олимписки медал, но и за освоен медал на европско и на светско првенство.

Нивна инспирација е Усеин Болт, кој е јамајски атлетичар на кратки патеки и е светски рекордер на 100 и на 200 метри, кои ги има поставено на Светското првенство во атлетика во 2009 г. во Берлин, со што ги подобри своите рекорди постигнати на Летните олимписки игри во 2008 г. во Пекинг. Максим смета дека секогаш е добро да се има талент, но оти не е доволно само тоа за успех, туку и упорна работа, дисциплина, спортски навики, посветеност, самодоверба, мотивација и соодветни услови за тренинг – фактори што сигурно водат кон успех

 

 

Постојат многу спортски приказни што започнуваат на најмала возраст и подоцна го достигнуваат врвот. Една таква приказна тукушто почнаа да раскажуваат Максим и Софија Илиевски, брат и сестра атлетичари во АК „Работнички“, кои се ученици во IX и во VII одделение во основното училиште „Вера Циривири-Трена“ од Општина Карпош. Како и секој млад и талентиран спортист, овие млади атлетичари веруваат во својот иден спортски успех, сонуваат за освојување златен олимписки медал, но и за освоен медал на европско и на светско првенство.

Спортската приказна на Софија започнала со тоа што уште на првите тренинзи бил забележан нејзиниот талент од професорката по атлетика, тренер во АК „Работнички“, Божурка Ѓошевска.

– Короната нè затвори сите. Гледавме трчање на телевизија, а на кусите прошетки  во Градскиот парк, во чија близина живееме, јас и Софија ги гледавме оние што трчаат. Можеби, короната беше пресудна да се јави желбата за атлетика кај неа – вели Јасмина, мајката на младите успешни атлетичари.

Таа додава дека уште на првиот тренинг летото 2020 година, тренерот на Софија ѝ предочил дека таа има предиспозиции, со оглед на конституцијата, да стане добар и успешен атлетичар. А, потоа желбата се јавила и кај братот Максим, кој претходно играл фудбал и кошарка.

Одличната работна атмосфера на тренинзите, љубовта кон спортот и желбата за натпреварување беа одлучувачките фактори за Максим да ја избере атлетиката. Нивната посветеност на тренинзите и талентот дополнително им ги зајакнаа потребната самодоверба и желбата за докажување.

Дека трудот и заложбите, а и љубовта кон оваа спортска дисциплина не се залудни, покажуваат и нивните постигнати резултати. Во 2021 година, Софија го освои првото место на националното првенство за млади пионери(ки) во дисциплината на 600 метри, првото место на националното екипно првенство за млади пионери(ки) во дисциплината на 600 метри во 2022 година, како и првото место на нционалното првенство за пионери(ки) во дисциплината на 600 метри во 2022 година. Исто така, го освои и второто место на националното првенство во крос-трчање на еден километар, во категоријата за млади пионери(ки) во 2022 година.

И Максим не заостанува зад својата сестра. Освојувач е на првото место на националното првенство во крос-трчање на два километра во 2022 година, на првото место на националното првенство во дисциплината 4×100 метри, како и на второто место, во силна конкуренција, на трката на 800 метри на меѓународниот атлетски натпревар во Софија, но и многу други.

Нивна инспирација е Усеин Болт, кој е јамајски атлетичар на кратки патеки и е светски рекордер на 100 и на 200 метри, кои ги има поставено на Светското првенство во атлетика во 2009 година во Берлин, со што ги подобри своите рекорди постигнати на Летните олимписки игри во 2008 г. во Пекинг.

Неговата спортска приказна особено ги мотивира.

– Неговата желба да истрае кога е најтешко и да покаже и докаже дека со посветеност, дисциплина и со правилна исхрана невозможното станува возможно – раскажува Максим.

Тој смета дека секогаш е добро да имате талент, но оти за успех не е доволно само тоа.

– Многубројните примери покажуваат дека упорната работа, дисциплината, спортските навики, посветеноста, самодовербата, мотивацијата и соодветните услови за тренинг се фактори што сигурно водат кон успех. Во атлетиката, како и во останатите индивидуални спортови, особено се важни менталната подготовка и самодовербата, од причина што резултатот додека сте на атлетската патека зависи само од вас самите, не од тимот, не од останатите. Единствен ваш придружник е патеката по која трчате – самоуверено раскажува Максим.

Од Општина Карпош велат дека секогаш ќе бидат на страната на спортот, целосно посветени на младите, на нивниот правилен развој, на спортот, нивното здравје, давајќи ја потребната поддршка, со цел тие достојно да нè преставуваат во која било сфера од спортот и од науката.

(А.П.)