Младински климатски самит: Образовен систем кој ги вклучува климатските промени

48

Младите сакаат повеќе можности за да ја водат агендата за климатски промени, сакаат сигурност дека политичките лидери ќе се погрижат економските модели на управување со земјата да бидат што е можно поодржливи, сакаат да се промовира поправањето на работите наместо да се фрлаат и да креираме отпад, сакаат многу повеќе алтернативна енергија генерално и образовен систем кој е фокусиран и ги вклучува климатските промени и да научат што е можно повеќе низ практично искуство.

Ова денеска го изјави претставничка на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани пред почетокот на Младинскиот климатски самит. УНИЦЕФ, заедно со Амбасадите на Италија, Шведска и Обединетото Кралство го поддржува овој Самит.

Ди Џовани информира дека младите многу се грижат за оваа тема и посочи дека од средбите со младите, дискусиите и разговорите за она што им е важно, климатските проблеми секогаш се меѓу првите три точки заедно со животниот стил и квалитетот на образованието.

-Денеска е можност да се чуе гласот на младите за она што навистина им е важно. Тој глас официјално да го слушнат политичарите, официјалните лица, заедницата, рече Ди Џовани. Додаде дека претходниот месец во Милано имало двајца младински претставници од земјава, а нивните пораки ќе бидат презентирани денес и следниот месец во Глазгов, на Самитот за глобалните климатски промени.

Амбасадорка на Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон изјави дека образованието на децата почнува од рана возраст, како и развивањето на свеста за овие прашања и токму затоа е важно прашањата за климатските промени да се вклучат уште во најраните фази од образованиот процес.

Таа изрази задоволство што има толку многу млади луѓе кои доаѓаат и се ангажираат, имајќи предвид дека уништувањето на животната средина и климатските промени се најголемите предизвици со кои се соочуваме денес и ова е можност за младите да бидат слушнати и да го искажат своето мислење. Од друга страна, и лицата кои ги прават државните политики да понесат одговорност за нивните чекори и за тоа што го преземаат, а и сите ние како возрасни.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изјави дека никој подобро од младите не ја разбира климатската криза и никој од нив не е позасегнат.

-Ние како одговорно Министерство за залагање за климатските политики ги земаме предвид клучните принципи споменати од младите за соодветна климатска акција. Долгорочно размислување, инклузивност, доверба, транспарентност и практичен пристап, во таа смисла минатиот месец донесовме и долгорочна стратегија за климатската акција која препознава образованието и пошироката едукација како клучна интерсекторска компонента на климатската акција, за која развивме низа мерки и политики во акцискиот план, рече Нуредини.
Неоходно е, како што посочи, сеопфатно образование во сите степени за обезбедување одржлив развој за прилагодување кон климатските промени, како и за подготовка и креирање на зелени работни места.
-За ова е потребно, не само развивање на наставни програми, туку и едукација на наставниот кадар.

Ние во новиот закон за климатска акција, кој го работиме, ја предвидовме обврска за донесување на климатски аспекти во сите секторски стратегии и планови, меѓу кои и во образованието на исто ниво како и тие за енергетика, земјоделство и така натаму, рече Нуредини.

Претседателот Стево Пендаровски го отвори Младински самит за климатски промени, а во текот на денот учесниците на Самиот ќе дискутираат за климатската акција и улогата на младите и за гласот на младите за климатските промени.