Младинска ликовна колонија „Свети Пантелејмон“ во комплексот „Осоговски конак” до 18 август

72

Во комплексот „Осоговски конак”, до 18 август ќе се одржува Младинската ликовна колонија „Свети Пантелејмон“, како дел од годинашната програма на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани. Колонијата, која е под целосно покровителство на Министерството за култура, најпрвин почна да ја организира Општина Кочани во 2012 година, а самите сместување и творење на учесниците се одвиваа во манастирот „Свети Пантелејмон“ во селото Пантелеј.

– Учесници беа талентирани ученици од повеќе градови низ државата, од Скопје, Куманово, Кочани и од Прилеп. Поради интересот и прекрасното искуство на организаторите и на самите учесници, оваа ликовна колонија во континуитет продолжи да се реализира до ден- денес – соопштија од Националната установа „Бели мугри“.

Годишната граница на учесниците е од 15 до 18 години и ќе работат на сликарски платна во акрилна техника. Тие се предводени и организирани од ментор м-р Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности од НУЦК „Бели мугри” – Кочани, каде што, преку разговори и сугестии, се надградуваат и реализираат со сликање и творење.