МКЦ: „Порој од пепел“ – нова стихозбирка на Исток Ј. Улчар

123

На 9 јули (четврток), со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоција на „Порој од пепел“ – четвртата стихозбирка на Исток Ј. Улчар. Стихови на промоцијата ќе читаат Лазар Христов и Сергеј Димовски, а со музичка точка ќе настапи Александар Скрјабин/Немнтин со „Мистериум: Уводно дејство (Подготовка за конечната мистерија)“.

„Упорно барајќи си ја назад невиноста, полека отстранувајќи ги порталите за влез на болката, конечно и со олеснување, веќе кон крајот на стихозбирката, лирскиот субјект успева да го заспие ‘остарено[то] бебе / чиј плач ја поти проѕирната плазма на светот’, притоа алудирајќи на сопственото лечење на тивок оган, со потхранување на и вљубеност во внатрешните ‘ладнокрвни демони’ коишто се заслужни за тоа ‘што во порите сила му се вселува’ и ‘што во черепот мудрост му се вгнездува’“, ќе посочи Мања Величковска кон книгата.

Исток Ј. Улчар е роден 1996 година во Скопје. Негови песни и расказ се застапени во неколку избори на дела од млади македонски и екс-југословенски автори. Учествувал на повеќе поетски читања.