МКАРТА за „Бехтел и Енка“

 Од Владата велат дека пред Европа ќе се бранат со внесување на коридорите на мапата на главни коридори, а од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека се работи за класична злоупотреба. Во исто време, од Брисел, преку писмо до македонската Влада, побарале детално појаснување зошто одат коридорите под европско знаменце и зошто склучиле договор со „Бехтел и Енка“ во четири очи. Делегацијата на ЕУ, во неколку наврати досега, реагираше дека европското знаменце треба да се користи само при усогласување на македонското законодавство со она на ЕУ, што во овој случај не се прави

710

Десетици пратеници се пријавени за збор за утрешната собраниска седница на која ќе се разгледува законот за работни односи, дел од пакетот закони за изградба на коридорите од „Бехтел и Енка“. Законите се носат на „брза лента“ поради назнаката европско знаменце, а очекувањата се дека законите за изградба на коридорите, најверојатно, ќе бидат донесени до крајот на оваа недела.

Донесувањето на петте закони што сè уште ја брануваат јавноста произлегува од договорот со „Бехтел и Енка“. Од Владата велат дека пред Европа ќе се бранат со внесувањето на коридорите на мапата на главни коридори.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, вчера, и од Црна Гора ја истакна важноста од регионалната поврзаност, со посебен акцент на патниот и на железничкиот Коридор 8 и проектите што се реализираат на него.

– Наша е обврската да продолжиме со изградбата на патниот и на железничкиот Коридор 8, да го доведеме до ниво на модерна, квалитетна и безбедна патна врска, со што и на дело ќе покажеме дека овие политики не се политики само за на хартија туку политики што ги реализираме на терен. За Република Северна Македонија, ова е стратешки важна одлука на Европската Унија, со што веќе сме позиционирани централно како крстосница во регионот на два главни европски коридора, на коридорите 8 и 10 – изјавил министерот Бочварски.

Освен Законот за работни односи на пленарната седница, за утре е најавена и комисиска расправа на Комисијата за европски прашања за Законот за урбанистичко планирање. Тоа е вториот од групата од пет закони што добија европско знаменце за да бидат побрзо донесени и за да ја озаконат договорената изградба на коридорите 8 и 10-д со компанијата „Бехтел и Енка“.

Аргумент на власта за европското знаменце е блокадата од опозицијата, а од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека се работи за класична злоупотреба. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на оваа тема разговараше со специјалниот претставник на германската Влада за Западен Балкан, Манеул Сарацин. Мицкоски го информирал Сарацин за злоупотребите во Собранието со користењето на европското знаменце за законските измени потребни за договорот со „Бехтел и Енка“, без да ѝ се дозволи на опозицијата да дискутира за забелешките на законите. Мицкоски потенцирал дека граѓаните тонат во сè поголема сиромаштија, а високите владини функционери се богатат со државни пари, криминалот цвета, а корупцијата расте.

Лидерот на најголемата опозициска партија му порачал на Сарацин дека граѓаните на Македонија час поскоро треба да бидат дел од ЕУ, но процесот да се води исклучиво по европски принципи, а не по уцени и закани од соседна Бугарија.

Коридорите ќе чинат многу повеќе од 1,3 милијарди евра, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

– Ковачевски мора да одговори за што се одржа манифестацијата кај Битола, на која тој пред два дена мавташе со зелени знамиња. Како е можно да започнува градба за која нема ниту основен проект? Невозможна е градба без основен проект, и со тоа невозможно е да започне да се гради. Затоа ли ги снема и багерите по снимањето на рекламата за Ковачевски на ФБ? Дали Ковачевски признава дека започнувањето на градбата кај Битола е само уште една лага од Ковачевски и фронтот за заштита на криминалот? – прашува Стоилковски.

Делегацијата на ЕУ и евроамбасадорот Дејвид Гир во неколку наврати досега реагираа дека европското знаменце треба да се користи само при усогласување на македонското законодавство со она на ЕУ, што во овој случај не се прави.

Во исто време, од Брисел, преку писмо до македонската Влада, побарале детално појаснување зошто одат коридорите под европско знаменце и зошто склучиле договор со „Бехтел и Енка“ во четири очи.  Според информациите, официјален Брисел бара појаснување зошто закони што немаат никаква поврзаност со Европската Унија, одат во скратена процедура и без дебата.

За Европската Унија, брифираат од Владата, проблем е и тоа што договроот со „Бехтел и Енка“ е склучен во четири очи и за него не е обезбедена отворена постапка, што, според Брисел, е спротивно на обврските што ги презела Македонија со потпишување на договорот за стабилизација и асоцијација.   (Ј.Ц.Г.)