МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Што крие женската сукња?

556

Можеби многумина од вас немаат поим, ниту некогаш би им паднало на памет да се стават на размислување дали и каква моќ има женската сукња и зошто некои жени ја носат секој ден од својот живот, а некои пак не можат да ја смислат.

Уште од многу одамна сум се прашувала и сум ги анализирала жените како се облекуваат, особено оние кои редовно, речиси секој ден се облечени во фустан или сукња. Наспроти нив, исто така не сум ги поштедила од анализа и оние другите, кои немаат ниту една сукња во својот гардеробер, туку исклучиво, за секаква пригода, дали е свечена или секојдневна, денска или вечерна, тие без исклучок носат панталони или фармерки.

Е па затоа денес имам желба да ви откријам едни многу интересни занимливости поврзани со моќта и симболиката на женската сукња, особено кога е долга до земја.

Општо познато е дека низ вековите сукњата претставувала главен атрибут на женственоста. Многу експерти вршеле научни истражувања на тема – жените и сукњите. Врз основа на бројните истражувања тие тврделе дека кога жената носи сукња таа почнува да акумулира непресушна енергија на женственост – директно од земјата. Згора на тоа, ако се додаде и податокот дека за мажите се верува дека е предвидено да ја црпат својата енергија од свемирот, а жените директно од земјата, тогаш долгата сукња доаѓа како идеална прилика за многу природно и моќно да се искористи, конектира и канализира таа женска енергија, на која долгата сукња (се верува) ѝ помагало да стигне безбедно по патот од земјата до сите енергетски центри на женското тело.

Токму затоа (се верува дека) дизајнот и моделот на скоро секоја сукња бил таков, да обликува конусно проширување надолу. Многу често до земјата. Тој модел на сукња не е измислен случајно. Се верувало дека таквиот конус и помага на жената за што подобро да ја апсорбира енергијата и притоа да се изврши размената. Односно, благодарение на жената, земјата да стане поплодна и материјално побогата. Енергијата на жената, ако зборуваме за физичкото тело, се акумулира во оној најсовршен орган (во универзумот) – матката.

Мажите, според одлука на природата немаат таков орган. Во енергетска смисла, за да би можел мажот да добие енергија од земјата, тој мора да ја земе од жената. Затоа за маж без жена се вели дека е како дрво без корен…

Кога жената облекува панталони, таа буквално ја блокира врската со земјата. Протокот на енергија се нарушува, а женскиот „свет суд“ во облик на матка останува празен. Како резултат на тоа, жената нема што да сподели со мажот, и во истиот момент престанува и неговиот интерес за неа.

Женската енергија е важна за мажите. Таа ги прави спокојни, урамнотежени и стабилни. Ако мажот има пристап до женската енергија, тој секогаш ќе може и ќе сака да се бави со креативна и доходовна работа. Во случај кога мажот е лишен од женска наклоност и љубов, тој полека станува агресивен, груб, асоцијален и суров.

Потполно сум сигурна дека сега, додека ги читате овие редови, во мислите ви доаѓаат сите оние ваши пријателки, роднини или другарки кои не нусат сукња, или ја носат само за специјални прилики.

Јас, да речеме имам неколку мои пријателки кои се 360 дена во годината во фармерки. Останатите 5 се оние денови кога се поканети на некоја свадба или на некоја свеченост. Ако ги анализарм подлобоко, (а го правам тоа, бидејќи ми се драги и сакам да знам сè за нив, особено што им недостига, што ги растажува, за да можам одоколу и со одбрани зборови да им сугерирам или да им помогнам) можам слободно, вака лаички да констатирам дека на енергетско ниво  тие немаат проблем. Односно, немаат проблем со енергијата, ама понекогаш имаат недостиг од женска енергија… Кај нив, добила на сила машката енергија. И во многу нивни потези, гестикулации, дури и начинот на кој седат, одат или возат, ќе ве потсетат на маж. На оној, што во неговата природа е да носи панталони. Мене да речеме, сето тоа ми е многу симпатично и не ми пречи. Воопшто! Но дали тоа не им пречи и на мажите?

На суптилно ниво, тука станува збор за благо нарушување на енергетската размена. А последиците од ваквата лоша размена на енергија, многу често можат да бидат: несфатеност од спротивниот пол, погрешно толкување на нашите реакции, недоразбирања, па дури и неможност да се поврзе со човек кон кој има развиено силни емоции.

Од друга страна гледано, пак, не само што не можам да им замерам на моиве пријателки што носат секој ден панталони и фармерки, туку и ги оправдувам. Бидејќи тие не се обични жени, кои мислат само да се дотераат, нашминкаат и да излезат од дома… Тие се супер жени… Многу често се и жена и маж во едно… Тие се вредни, успешни, свои и не очекуваат од никого ништо. Туку сами мора да се изборат за сè… Тие од никого не чекаат да им симне ѕвезди… Животот ги ставил во позиција да мора да одработуваат сè сами. И глас да не пуштат. Тие понекогаш се посилни и од планина, ама и понежни од снегулка.

Затоа ги сакам и ги обожувам и кога се облечени во фармерки… Бидејќи знам дека така се чувствуваат попрактично за на работа, за седење, движење и се осеќаат комотно во својата кожа. Со фармерки тие комотно можат да притрчаат до некаде, да пешачат (ако носат спортски обувки) дури и да се поткачат на некоја скала или скеле, да поправат нешто (ако нема кој друг). А нема!

Е сега… Каде е тука проблемот?! Во жените, во мажите или во сукњите?!

Единствениот одговор тука лежи во тоа што жената на 21 век е отидена толку напред и е толку многу своја и самостојна, не потпирајќи се ни на љубовта и обврските кон некој маж, ниту на неговата заработувачка, туку на самата себе.

Жената на 21 век, без разлика дали е во брак, во врска или пак е слободна, денес сака да носи свои избори, одлуки и да не биде зависна од никого. Притоа и никој  да не ѝ кажува или наредува дали таа ќе носи сукња или панталони.

Затоа ми преостанува само да ги поддржам и оправдам сите ставови и одлуки на современата жена/девојка и да ги потсетам дека понекогаш, за промена можат и да си облечат сукња. Или фустан. Чисто онака, за да ја збогатат со енергија  мајката земја и да ги потсетат мажите дека жената е украс на светот и дека без неа (со сукња или без) и без женската енергија нема живот…

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…

(авторот е ТВ лице)