МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Пред да умреш – ЖИВЕЈ!

508

Опседнати со секојдневни обврски, рокови, активности и планирани задачи често забораваме дека животот нè „меле“… И дека целиот ден, недела, месец или година ни поминува во трчање… Во стрес, нервози, пусти желби, одложување и  чекање, кое многу пати не зависи од нас, туку зависи од добрата волја на некој (најчесто) небитен во нашиот живот. Не од нас самите. На пр. Се сеќавате ли кога последен пат сте си рекле: Денес нема да се нервирам за ништо, нема да брзам, нема ништо да морам, и нема никого да чекам… Ќе го оставам на полица мобилниот телефон, ќе ги откажам сите планови (доколку не се неодложни) и целиот ден ќе си го посветам на себе и на оние што ги сакам. Јас, да речеме не паметам кога последен пат сум направила таков пресек и сум дозволила еден ден да си го подарам себеси и на оние што ми значат.

Не, животот не нè чека… Ни да се средиме, ни да се одмориме, ниту пак  да се расположиме… За ништо не нè чека. Тој вртоглаво брзо поминува  и носи сè… И добро и лошо… Нè носи и нас, колку и да сме „заспани“, свесни или несвесни за состојбите во кои некогаш како да не умееме да се снајдеме или пак дозволуваме да бидеме споредна улога во нашиот сопствен  филм…

И тоа не дека не сум можела, или не сум сакала… Едноставно (со години наназад) не сум си дозволила да се ставам себеси на првото место и да го освестам фактот дека животот е мој, и дека е безобразно краток и нема копче за пауза, па да се одмориме, или да направиме план што понатаму… Да се средиме… Не, животот не нè чека… Ни да се средиме, ни да се одмориме, ниту пак  да се расположиме… За ништо не нè чека. Тој вртоглаво брзо поминува  и носи сè… И добро и лошо… Нè носи и нас, колку и да сме „заспани“, свесни или несвесни за состојбите во кои некогаш како да не умееме да се снајдеме или пак дозволуваме да бидеме споредна улога во нашиот сопствен  филм… Да бидам поконкретна, на одредени личности и ситуации им придаваме толку големо значење, и трошиме толку многу време, енергија и емоции што наместо да си бидеме себеси приоритет, ние величаме некои други луѓе, „гинеме“ за нив  и ги третираме како приоритети… На пр: работата или бизнисот ги ставаме како најголем приоритет, (тука вклучувајќи ги и нашите работодавци) а не памтиме кога последен пат сме направиле нешто добро и корисно за себе, на пр. кога последен пат сме биле на доктор да направиме обичен рутински преглед, или пак кога последен пат сме си дозволиле да ги гушкаме и бакнуваме наутро нашите деца без некоја посебна причина… Зошто? Затоа што сме немале доволно време, или затоа што сме дозволиле рутината, секојдневните притисоци кои ни ги создава работата, континуираната трка со времето, како и приоритетите на нашите работодавци  да ги ставиме пред сите други (лични) приоритети?!

Притоа, не само што стануваме робови на обврски (од кои многу често се грозиме) и сме непрестајно напнати  туку и ја губиме контролата врз нашите животи… Не живееме, туку се натпреваруваме со животот… се мачиме… Ја губиме енергијата, радоста, времето, пријателите, влегуваме во непрестајна трка по некаков си профит, како да ништо не ни е доволно, многу често ги занемаруваме нашите родители, деца, нашите партнери, ако воопшто (поради многу околности) ги имаме…Наместо да живееме и да креираме секојдневие според нашите потреби и амбиции, ние си дозволуваме да не убие рутината, немањето „усул“, желбата да бидеме уште подобри, ненаситноста,  да имаме што  повеќе или пак да бидеме поуспешни во очите на другите…

А каде сме ние во сето тоа? Што се случува со нашиот „исфорсиран“ ритам на живот?! Кој е резултатот од таквиот начин на живеење??

Изгубени години, потрошена енергија, „куфер“ полн со разочарувања, неизреализирани соништа… А кога на сето тоа ќе ги додадеме и сите здравствени проблеми кои попатно сме ги „спечалиле“ како: уморено тело, главоболки, отечени нозе, исцрпеност, хронично нерасположение, многу застрашувачки дијагнози од кои ни запира здивот, и задавање на се повисоки цели  кои никако да завршат, можеме слободно да констатираме дека сме го промашиле животот… Сме го утнале!

Она што е најконтрадикторно во ситуацијава е фактот што во таквите моменти, денови, години (додека безглаво трчаме како муви без глави) ние сме убедени дека правиме нешто добро, нешто неопходно, за да ни биде уште подобро во иднина… Сосема несвесни дека бегаме од себе, дека вршиме атак врз нашето здравје и ум, и дека не дај Боже да ни се случи нешто, нашиот претпоставен веднаш ќе најде замена… Бидејќи секоја работна позиција е заменлива…

Но, кој ќе ве замени на позицијата на родител?! Мајка, или татко сеедно… Кој ќе ги чува и сака вашите деца, ако вам нешто ви се случи? Кому ќе ги оставите и препуштите тие чисти и невини души кои се сè уште зависни од вас? Може ли некој да ги сака и заштитува повеќе од вас?! Не може, се разбира.

Затоа кренете ја „рачната“ и престанете да се „самоубивате“…

Направете крупни промени додека сè уште не е доцна, и поставете приоритети во вашиот живот, ама вистински… Вклучувајќи го и срцето, а не само умот.

Имајте на ум дека вие сте сопственик на вашиот живот, вашето време, но и на вашето достоинство. И не дозволувајте никому да ве „купи“ и да ви го троши времето и здравјето секојдневно и неограничено, само затоа што не сте научиле навреме да кажете: НЕ, или ДОСТА Е…

Доколку сте родител, не заборавајте во ниеден миг дека на вашите деца им треба здрав, реализиран, емотивно исполнет родител, одморен и спремен секогаш да им биде на располагање на своите деца.

Во се што правите бидете  умерени и благодарни на животот, но не заборавајте дека помеѓу сите обврски, цели и предизвици кои си ги задавате во вашето секојдневие, не треба да се „убивате“ од работа, и да престанете да живеете… Треба да одмарате и да акумулирате добра и позитивна енергија… Користете го секој слободен викенд за да одите на планина, во природа, или на било кое друго место каде ќе имате можност да црпите енергија, и да го преработите и отстраните акумулираниот стрес. Доколку сте родител, не заборавајте во ниеден миг дека на вашите деца им треба здрав, реализиран, емотивно исполнет родител, одморен и спремен секогаш да им биде на располагање на своите деца. Тоа е дополнително поголема причина да бидете секогаш во добра кондиција, со стабилно здравје и став на личност која е најдобар пример за своите деца. Притоа потрудете се да  најдете доволно слободно време кое ќе им го посветите  само ним. На вашите деца и блиски, а не само на работата што ја работите. Бидејќи животот е краток, брз и се случува само еднаш и никогаш повеќе. Како премиера, без реприза… Затоа, не дозволувајте да играте  споредна улога во вашиот живот. Изберете ја најдобрата главна улога и одиграјте ја како за Оскар! Притоа не заборавајте дека  пред да умрете, треба да  живеете, а не да преживувате!

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…

(авторот е ТВ-лице)