МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Мажите не гледаат на гравчиња

384

Не дека е многу важно или пресудно кој во врската (бракот) дава и се труди повеќе –  дали мажите или жените, ама како тема за полемизирање,  размислување и анализа, секогаш темава е дел од машко-женските муабети кои редовно понеделнички ги отвораме.

И, секако, ако ги прашате жените, ќе ви речат дека општо познато е дека поголемиот дел од мажите помалку се трудат во врската. (Чест на исклучоци). Типично женско размислување, нели?!  Веројатно ова и вие го имате слушнато или кажано во вашите комуникации и размена на искуства со жени, девојки. Жените вообичаено се жалат дека мажите на почетокот од врската многу повеќе се трудат, покажуваат повеќе љубов и внимание, прават речиси невозможни нешта за да ја фасцинираат својата партнерка, склони се кон многу необични изненадувања, а некои помеѓу нив и прават сè за да ѝ симнуваат ѕвезди на љубената… Но, само во почетокот на врската. Како постепено поминува времето, тие воглавно се опуштаат, стануваат пасивни, рамнодушни  и помалку заинтересирани за романтични изненадувања, внимателни гестови и сл…

За да ја сфатиме и добро изанализираме оваа машко-женска мистерија важно е само да  потсетиме дека навистина многу се разликува водењето евиденција (на давањето) помеѓу мажите и жените, одн. сето ова гледано од машка и женска диоптрија не е исто. Напротив!

Ако пак ги прашате мажите за истава тема, тие  исто така чувствуваат дека кон нив неправедно се постапува и дека секое обвинување од страна на жените е неосновано. Зошто?! Бидејќи, додека во почетокот на врската тие се трудат да остават впечаток на добар кавалер, џентлмен, мачомен полн со изненадувања,  девојките се однесуваат надмено, некогаш со потсмев, а некои помеѓу нив и оставаат впечаток како да им е сето тоа сто пати доживеано и не многу интересно… Тотално несвесни дека на тој начин го навредуваат и потценуваат својот партнер. Рака на срце, малку се оние жени, кои во почетокот од врската се задоволни,  исполнети и вљубени, без да дадат некаков знак на рамнодушност или неблагодарност.  Сепак, најголемиот број на девојки им припаѓа на оние, кои во почетокот се среќни и еуфорични, а набрзо потоа стануваат разочарани или прилично захтевни во очекувањата.

За да ја сфатиме и добро изанализираме оваа машко-женска мистерија важно е само да  потсетиме дека навистина многу се разликува водењето евиденција (на давањето) помеѓу мажите и жените, одн. сето ова гледано од машка и женска диоптрија не е исто. Напротив!

На пример, жените нудат и даваат помош дури и тогаш кога никој тоа не го бара и очекува од нив. Тие мислат дека се должни (по секоја цена) да му помогнат на партнерот, да му ја наметнуваат својата поддршка, мислење и совети,  одн. да го „вадат од калта“.

Кај мажите да речеме тие работи не одат баш така. На мажите, додека не им се обратиш и директно им побараш конкретна помош околу нешто, тие немаат поим дека вам ви е потребна помош. Едноставно, тие не гледаат на гравчиња, ниту пак се заморуваат да претпоставуваат што и дали воопшто ја мачи нивната партнерка. Уште помалку пак да претпостават дека во дадена ситуација, можеби жената/партнерката (од икс причини) не се чувствува слободна/подготвена за да му побара помош.

Со овој дијаметрално различен начин на размислување/делување често пати  доаѓа до големо недоразбирање, конфликт или разочарување, кога жената очекува дека ќе ѝ биде понудена помош/поддршка, особено ако смета дека меѓу редови веќе му кажала или ставила до знаење на партнерот дека ѝ е потребна помош. Но, како што рековме, мажите не гледаат на гравчиња и богами слабо читаат помеѓу редови (чест на исклучоци).

Мажите се описменети толку, колку да можат да ги читаат редовите. Ред, по ред. Буква по буква. (Чест на исклучоци). Понекогаш, за жал, и запирките ги толкуваат различно од жените, но тоа е веќе друг муабет…

Да се вратиме на останатите начини на толкување каде исто така избива курцшлусот и давањето на помош на мажите е погрешно протолкувано, или пак воопшто не е регистрирано.

На пр., кога жената е од некоја ситуација испровоцирана, изнервирана или разочарана, таа директно инсистира на разговор, дури (многу често) избрзано и во погрешно време бара и очекува објаснение од нејзиниот партнер во врска со сето она што ја мачи или ја разочарало. И инсистира на муабет – сега и тука!

Кај мажите пак (воглавно) во ситуации кога се чувствуваат повредени од своите партнерки, или пак доколку нивните партнерки заборавиле или пропуштиле да им се заблагодарат за нешто или не покажале доволна почит за некоја  добро завршена  работа, тие несвесно „ѕидаат ѕидови“, се затвораат и стануваат благо повлечени, стерилни или индиферентни. Не започнуваат кавга веднаш, не зборуваат многу, ги редуцираат темите за кои се разговара, но ништо конкретно не седнуваат и не разговараат со својата партнерка. Едноставно прават невидлив ѕид околу себе и почнуваат да си прават „филмови“

Во такви моменти, дури жената и да знае да гледа на гравчиња (што не знае) нема да ѝ помогне да одгатне каде ли сега му оди паметот… Во такви моменти, во нивната глава почнува да се создава слика дека со неа нешто се случува, дека повеќе не го сака како што го сакала, дека тој веќе не е предмет на нејзиниот интерес и дека неа не ѝ е грижа повеќе за него, ниту пак е заинтересирана за неговите обврски, секојдневие и емоции.

Тој, најчесто (како полжав во својата куќичка) се повлекува во својот „изрежиран“  филм, и чека време, кога на партнерката (неправедно)  ќе ѝ го изпразни целиот „шаржер“ преполн со премолчени, потиснати зборови, емоции… Најчесто, тоа го прави во тотално погрешен момент, кога таа ни малку не очекува таков однос и непријателски став од него.

Тогаш веќе нештата целосно излегуваат од контрола и кавгата е потполно неизбежна. Нема такво чудо, ни магично стапче кое во тие моменти може да ја смири ситуацијата. Затоа, кога ќе дојдат ситуации во кои ќе забележите дека недоразбирањата и нејаснотиите се испречиле пред вашата комуникација, не заборавајте дека ни мажите, а богами ни жените не гледаат на гравчиња… Па затоа не можат да знаат што ви е… Седнете и отворено кажете си ги маките и проблемите… Без заобиколувања!

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…

(авторот е ТВ лице)