Во 2020 година ги оставаме зад себе поделбата, лагата и неспособноста и со самоувереност чекориме напред, порача премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис во неговата новогодишна порака до граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис говореше за 2019 и за предизвиците во новата година, но и за изборите кои значеа „промена на ерата и во политичкиот живот на земјата“.

-Она што е веќе видливо е дека околу нас дува ветер на оптимизам. Се консолидира нова национална самодоверба. Верба дека заслужуваме подобро и дека, обединети, конечно можеме да ја придвижиме Грција напред. Севкупниот отчет за годината што си заминува станува бесценет водач за оној што доаѓа. Во 2020 година ги оставаме зад себе поделбата, лагата и неспособноста. И со самоувереност чекориме напред, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер истакна дека Грција повторно има протагонистичка улога во Европа, порача дека не се плашат од геополитичките предизвици, бидејќи правдата е на нивна страна, а земјата има силни сојузници.

-Пред сè имаме обединет и зрел народ. Во време кога многу општества живеат големи внатрешни поделби, ова е нашата голема сила. Со оглед на тоа дека се разденува третата деценија од 21 век, ја оставаме зад нас 10 годишната криза. Во сеќавање ги чуваме сликите што ни беа болни како тивок потсетник за грешките од минатото. Грешки што не смеат да се повторат, порача грчкиот премиер.

Мицотакис додаде дека во 2020 земјата ќе се соочи и со неповолности, но изрази сигурност дека и тие ќе бидат надминати бидејќи земјата е на вистинскиот пат.