Мицотакис: Единството и солидарноста треба да бидат основните принципи меѓу членките на НАТО

72

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на НАТО самитот во Лондон рекол дека единството и солидарноста треба да бидат основните принципи што ги одредуваат односите меѓу членките на Алијансата, посочил дека членките на НАТО имаат одговорност да ги почитуваат и да постапуваат согласно овие принципи, како и да се воздржуваат од дејствија што можат да создадат тензија меѓу сојузниците и соседите и ја истакнал улогата на Грција како важен столб на мирот и стабилноста на Балканот и Југоисточниот Медитеран, брифираат извори од кабинетот на Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер, паралелно се осврнал и на соопштенијата околу меморандумот меѓу Турција и Либија велејќи дека промовирањето меѓународни договори што грубо го кршат и меѓународното право и правните права на земјите на НАТО е јасно спротивно на духот на соработка и основните принципи.

Мицотакис истакнал дека Грција очекува од соседите да покажат почитување на суверените права на земјата и да се воздржат од активности и изјави што ги загрозуваат добрососедските односи и одржувањето на регионалната безбедност.

Според информациите од кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис посочил дека НАТО мора да се справи со новите предизвици, како што е и масовната нелегална миграција, а конкретно се осврнал на присуството на НАТО во Егејското море.