Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа на својот профил на Фејсбук призна дека тој заедно со двајца свои познаници бил во ресторан во Дебар Маало, дека не бил доволно информиран за новите протоколи и дека е подготвен да плати паричната казна поради тоа.
-Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации. Дефокусирајќи ја јавноста со таа “епска битка” на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се дефокусира вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт. Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива, напиша Мицкоски.
Жал му е што, како што наведува, покрај погубните бројки на новозаболени и починати случаи, катастрофалното менаџирање со кризата од корона вирусот, економскиот дебакл на власта, кражбите на парите на граѓаните со милионски суми, рекетите, распродажбата на националните интереси, тема станала и неговата средба со познаници во една скопска кафеана.
-Човечки е да се згреши, и не сум лицемер кој едно говори пред камерите, а друго зад нив. Сакам да демантирам, дека имав каков било контакт со кој било од државната инспекција или органите на државата. Тоа се измислици за да се потхрани дефокусирањето на јавноста. И да бидам искрен, овој мој човечки грев, сметам дека е многу помал од состојбата која денес се случува врзана со губењето на животи и неодлучноста на владата која го загрижува здравјето на сите. Денес вистинската тема е што имаме 101 ново заразен и 4 починати. Власта сака да продаде приказна за да ја скрие вистината за себе, и фактот дека моето одење во ресторан не зарази никого, но нивната неспособност и СДСМ кластерот, да. Ако некој имаше дилема, сега е повеќе од јасно, кристално јасно дека власта и параполициските сили диригирани лично од Зоран Заев ме следат. И треба да знаат, Македонија не заборава, а сите тие ќе бидат поразени, посочува Мицкоски на својот профил на Фејсбук.

Раководителката на Одделението за инспекциски надзор Скопје Мери Продановска синоќа на вонредна прес-конференција изјави дека инспектори  биле спречени да извршат контрола во угостителски објект на „Боемска улица“. Според неа, додека инспекторите чекале да влезат, од објектот излегол претседател на политичка партија, но не прецираше за кого станува збор.