Мицкоски: Потпишан е ЕФЕТ договор за набавка на гас, нема да го поддржиме законот за ЕСМ

23

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали има напредок за набавка на енергенси преку контактите што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ на Владата, изјави дека во текот на вчерашниот ден е потпишан ЕФЕТ договор за тргување со енергенси низ Европа, „од страна на позицијата и АД ЕСМ“.

Мицкоски нагласи дека од она што го има како информација е дека компанијата треба да има состанок во петок во АД ЕСМ каде што ќе биде и официјално презентирана понудата, и доколку е се во ред треба да се потпише анекс или индивидуален договор кој што е составен дел на тој ЕФЕТ договор. Врз основа на тоа што ќе биде потпишано, како што рече тој, очекува испораката да започне од почетокот на ноември, па се до периодот до кога ќе побара Владата.

За набавката на мазут Мицкоски рече дека веќе е соопштена понудата од страна на позицијата односно на кое било пристаниште во регионот цената ќе биде берзанската минус 40 долари за тон, што според него, е квалитетна понуда бидејќи на тој начин ќе се заштедат околу 10 до 15 милиони евра.

– Ако се искалкулира да речеме од Солун или Волос да се донесе во ТЕЦ Неготино, отприлика 20 евра за тон, или од Волос 40 евра за тон, тоа би значело дека некаде во Македонија ќе ја имаме берзанската цена, што е исклучително квалитетна понуда, што е во моментот некаде околу 70, 80, 90 евра во зависност од цената регулирана со Регулаторната комисија за енергетика на мазутот, поевтина. Или ако земеме во предвид дека се бараат 150.000 тона, тоа значи заштеда помеѓу 10 до 15 милиони евра, изјави Мицкоски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи Законот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ, со којшто, како што посочи, над 4 000 луѓе ќе останат на улица, и ќе ја искористи можноста за филибастеринг во Парламенотот.

-Законот кој што го предложи власта во Парламентот со наслов Закон за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ содржи во својата структура услов кој што вели дека за да ги користи АД ЕСМ тие средства односно Владата потребно е до крајот на 2023 да биде затворен Осломеј, а до 2027 година да биде затворен РЕК Битола. Што значи тоа? Тоа значи уште еден пуст град како Кичево и уште еден пуст регион како Пелагонискиот регион односно 4 000 луѓе, 4.000 семејства на улица и најмалку уште 40.000 кооперанти кои зависат од работата на овие два производни капацитети на базна енергија, истакна тој.

ВМРО-ДПМНЕ, според него, нема да поддржи вакви политики со таков услов каде 4 000 луѓе ќе останат на улица. ВМРО-ДПМНЕ, рече тој ,ќе ги искористи сите алатки во Парламентот или популарно наречено филибастеринг овој закон да не помине.

-ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи ова и ќе ја искористи својата можност на филибастеринг во Парламентот затоа што се додека е ВМРО-ДПМНЕ живо, а ќе биде долго живо, вакви национални  и аснтинародни политики нема да поддржуваме и цениме дека тие пари нам не ни се потребни. Ќе бараме други извори, а да бидеме уценувани со што ќе ја уништиме државата, со што ќе дозволиме енергетска асимилација на Македонија е неприфатливо. Така што, бидете сигурни дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите алатки во Парламентот или популарно наречено филибастеринг овој закон да не помине, тоа треба да го знаат сите и заемодавачот – Европската банка, и Владата, рече Мицкоски.