Мицкоски оствари средба со претставници на ММФ

75

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предводени од Берглјот Бјорнсон Баркбу, шефица на мисијата на ММФ за Македонија и  Стефани Ебл, висок резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан и шеф на Канцеларијата на ММФ во Скопје, соопштија од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата соопштија дека на средбата се дискутирало за актуелната политичка и економска ситуација во земјата, предвремените парламентарни избори кои следат во април и стратешките приоритети клучни за напредокот на државата.

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, го потенцираше недостатокот на реформи од страна на власта, поради што Македонија не доби датум за почеток за преговори со Европската Унија, како и уназадувањето на македонската економија поради високиот криминал и корупција од страна на функционерите на власта, информираа од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнаа дека Мицкоски навел дека заради катастрофалното работење со економијата на актуелната власт граѓаните се повеќе осиромашуваат, што доведе до тоа половина милион граѓани едвај да преживуваат, а бројката на блокирани сметки ближи до 100 илјади.

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека впрочем власта со враќањето на рамниот данок само ја потврди својата неспособност, но со досегашните погрешни даночни политики направија голема штета врз стопанството како и одвраќање на идните инвеститори во Македонија. Мицкоски на крајот додаде дека по изборите во април на кои ќе победи ВМРО-ДПМНЕ ќе следат итни реформи за да може што побрзо да закрепне македонската економија и да почне да чекори кон европските стандарди, соопштија од прес-службата на партијата.