Мицкоски: Ова е осветољубие, очекувам за настаните од 27. април да биде изречена вкупна пресуда над 100 години

96

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето гостување во вестите на Сител, зборуваше за настаните од 27-ми април, упати критики за вчерашното апсење на Митко Чавков, за датумот за преговори за евроинтеграциите, за средбата со лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, а зборуваше и за претседателските избори на 21 април.

На прашањето дали тој очекува да се потврди информација дека Митко Чавков ќе биде осуден на 14 години затвор, Мицкоски одговори:

„Јас имав слушнато и за подолг период за жал и очекувам дека вкупната пресуда којашто ќе се случува во петок ќе биде преку сто години за сите обвинети од 27-ми април, и тоа ќе биде практично Нирнбершки процес за прв пат запаметен во поновата историја на Република Македонија“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека сето ова претставува осветољубие и ништо друго.

 „Од друга страна го имаме овој мафијашки пристап кога се следи лицето коешто треба да биде осудено, егзекутирано, се апси се приведува, а основа за тоа претставува една службена белешка којашто е помалку или повеќе симптоматична со тврдење дека се подготвувал да избега во викендичка којашто ја имале во една соседна држава“, додаде Мицкоски.

Пред неколку Мицкоски имаше средба со првиот човек на СДСМ, Зоран Заев.

„На средбата со Заев побарав да разговараме за иднината на Македонија. Како да обезбедиме услови за фер избори, додека пак вториот дел беше посветен на реформски закони. Сметам дека тимот на Катица Јанева го изгуби професионалниот и човечкиот кредибилитет. Бевме сведоци на мафијашки работи, со цел да се затскрие трагата“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето на Сител.