Мицкоски не прифаќа дуел со Арсовска, негово ниво бил Ковачевски

57

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, има доволен број на дуели во Советот на Град Скопје и нема потреба да излезам на дуел со неа, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Јас ценам дека ние лидерите на двете партии сме одговорни да обезбедиме тоа што им е потребно на граѓаните и на тоа ниво го повикувам Ковачевски да излеземе пред граѓаните да дебатираме. Кога Арсовска има нешто да каже, мислам дека тоа го прави исклучително плодно на седниците на Советот на Град Скопје заедно со советниците. Мислам дека е тоа вистинско место каде што таа треба да ги манифестира своите дебатерски капацитети, рече Мицковски.

Запрашан за именувањето на новите директори на јавните претпријатија на Град Скопје, кои во јавноста беа посочени како кадри на ДУИ, Мицкоски рече дека за тоа треба да одговори градоначалничката Арсовска.

– Вие констатирате самите дека се на предлог на ДУИ. Јас само ќе напомнам дека ДУИ на локалните избори во минатиот октомври беше цврсто против Данела Арсовска и беше цврсто за Петре Шилегов, кој беше поразен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Мнозинството во Град Скопје го предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, мнозинството во управните одбори и надзорните одбори се на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата и будно ќе ја следиме работата на новите кадровски решенија на Данела Арсовска. Будно ќе следиме дали се исполнува програмата за модерно Скопје и ако има какво било дивертирање од сето тоа, истото ќе го спречиме и жестокото ќе го критикуваме и ќе ја вратиме онаму каде што треба да работи, а тоа е програмата која што ја вети пред скопјани, а тоа е за модерно Скопје, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.