Мицкоски: Македонија е на сите луѓе и треба да биде и на Албанците

83

Раководство на ВМРО-ДПМНЕ е за концептот Македонија за сите луѓе, концепт за Македонците, за Албанците, но и за сите останати луѓе во Македонија, кои не треба да се делат по етнички и верски основи во 21 век, а политиките на политичарите не треба да ги делат луѓето, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Патот кон“ на Алсат М телевизија.

– За ова раководство коешто јас го предводам било секогаш со концепт на отворени врати, никогаш не бил концепт на проценти или кој се темелел само на како што вие рековте „Македонија на Македонците“, туку напротив раководството на ВМРО-ДПМНЕ се труди да респектира политики за сите граѓани, без оглед на различностите на етничката или верската припадност, впрочем еволуираат политичарите во зависност од динамиката на политиките, тоа не е само во Македонија, туку би рекол секаде во светот и логично дека ако сакате да бидете успешен треба да ги следите овие процеси на еволуција, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека политичари кои не враќаат назад во минатото со теми кои не се за 21 век, не може да се наречат за успешни политичари, на што сме сведоци оваа кампања.

– Концептот Македонија за сите луѓе е концепт за Македонија, концепт за Албанците, но и за Турците и за Србите, и за Власите и за Ромите, и за Бошњаците, но и за сите останати бидејќи премалку не има во Македонија за да ние се делиме и да имаме различности помеѓу себе, поготово вакви кои не се прашања за 21 век, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонија е на сите луѓе, како што е на Македонците, треба да биде и на Албанците, па говорот на омраза и дополнителни поделби меѓу граѓаните не се потребни, туку треба на сите граѓани да им се обезбеди подобар живот и подобри услови, а Македонија да биде пристојно место за живеење.

Во однос на потенцијалните резултати од пописот во земјава, Мицкоски истакна дека процентите од пописот нема да ни ги вратат луѓето кои си заминуваат за да работат во странство заради лошиот живот тука, туку треба да се обезбедат услови за сите граѓани и да се создаде иднина која ќе го подобри животот.

Според него, поразително тоа што на пописот се попишани помалку луѓе од колку што има на избирачкиот список и помалку граѓани отколку што биле попишани претходниот попис, како и дека тоа е индикатор дека нешто не е како што треба и како индикатори дека се намалува бројот на население.

Тој истакна дека солзите на мајките од било кој етникум исто болат, кога ги испраќаат своите деца надвор од Македонија, бидејќи велат дека тука немаат иднина и сите имаат иста мака.

– Солзите и на Албанката, и на Македонката, и на Турчинката како мајки, и на Влаинката, и на Србинката подеднакво болат, кога се зборуваат со своето дете кое го полни куферот и вели дека нема намера да се враќа тука, затоа што тука нема иднина, рече Мицкоски, додавајќи дека во ова сите подеднакво сме исти без разлика на етникум или религија, затоа што луѓето во земјава имаат егзистенцијални проблеми.