Мицкоски за „Политика“: Никој нема добиено мандат на избори да го менува Уставот

35

„Во Македонија на последните избори никој не доби мандат за промена на Уставот, ниту една партија не го претстави ова во својата програма. Затоа сметам дека предвремените избори се единствениот начин граѓаните да кажат што мислат и како мислат дека Македонија треба да се движи во наредниот период“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во интервју за српска „Политика“, на прашањето зошто не се согласува со промена на Уставот и бара вонредни парламентарни избори.

Тој додава дека според последното истражување на јавното мислење, околу 60 отсто од луѓето не се задоволни од работата на владата и нејзините политики.

– Не се задоволни од економијата, владеењето на правото и исполнувањето на европските критериуми. Ова е дотолку повеќе што треба да имаме избори за одлучување за нова влада, која ќе добие мандат од граѓаните да решава проблеми и предизвици. Во спротивно, Македонија губи време. Доколку не се одржат изборите, ние како држава нема да видиме ништо поразлично од она што го гледаме последните пет-шест години додека оваа влада на СДСМ ја води државата. Затоа треба да имаме избори, нов мандат, нова влада и јасна насока на државата кон посигурна иднина, смета Мицкоски.

Во однос на соработката меѓу РС Македонија и Србија, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ оценува дека има простор за подобрување, особено во областа на инфраструктурата, енергетиката и економијата воопшто. Посебен фокус, нагласува Мицкоски, треба да се стави на проекти кои ќе придонесат за подобар живот на нашите граѓани и нивна поперспективна иднина.

– Изградбата на подобра железничка и патна врска меѓу овие две земји и гасоводна врска што ќе гарантира енергетско поврзување е услов за поголема благосостојба на граѓаните на Србија и Македонија. Нашите земји традиционално имаат добри економски односи, Србија е еден од нашите најважни економски партнери. Доста ги кршевме копјата за историјата и политиката, време е да се натпреваруваме кој ќе направи подобар економски и инфраструктурен проект кој ќе не зближи со соседите, вели Мицкоски.

Оваа година, РС Македонија претседава со ОБСЕ и Јадранската повелба, членка е на НАТО и води политика усогласена со политиката на ЕУ. Прашан каква стратегија ќе препорачаат како парламентарна опозиција во контекст на глобалната политика, Мицкоски потенцира дека ние сме мали земји од кои не зависат многу глобални процеси, но одлуките што ги носат политичарите за овие процеси, многу влијаат на животот на граѓаните.  За доброто на животите на нашите граѓани и нашата иднина, вели Мицкоски, треба да работиме на градење мир овде и на тој начин да придонесеме за мирот во Европа. Еден таков процес, наведува, ќе ни помогне да излеземе од овој вител, како што кажавте, заедно, без поголеми последици.

Според него, единствената шанса што им се нуди на Скопје, Белград и Тирана во оваа криза е да покажата дека се научени лекциите од минатото и да градат подобра заедничка иднина.

– Приоритет во наредниот период е сите заедно да работиме за мир во Европа и светот. Мирот нема цена. Очекувам дека Македонија и сите земји-членки на ОБСЕ ќе работат да запре војната во Украина. Недозволиво и незамисливо е да се води војна во 21 век, да се крши суверенитетот на една земја и да се оспорува нејзиниот интегритет. Тоа е почетната точка. Ние веруваме во овие принципи и сметаме дека енергијата треба да се насочи кон градење канали за комуникација и соработка за да се постигне мир, без да се газат овие постулати. Подобро е да се преговара со години отколку да се води војна макар и еден ден. Решенијата се секогаш во разговори, а не во судири, рече во интервјуто лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

На прашањето како го гледа натамошниот развој на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, Мицкоски дециден дека тоа се Копенхашки критериуми, без доплнителни условувања.

– Европската интеграција на која било земја не треба да биде условена со субјективни политички критериуми, туку исклучиво да зависи од општи и објективни критериуми кои важеле за сите. Непринципиелноста раѓа неправда, а неправдата раѓа фрустрација и апатија кај граѓаните. Земјите од Западен Балкан имаат сериозен предизвик пред себе да ги достигнат Копенхашките критериуми, иако сум убеден дека тие се многу поподготвени во оваа фаза отколку другите земји кога се приклучија на ЕУ во минатото. Имаме сериозен предизвик: да се справиме со борбата против организираниот криминал, владеењето на правото, економските и социјалните прашања кои ќе не доближат до европските вредности. Тоа беше нашата домашна задача на која требаше да ги насочиме нашите капацитети и енергија, порачува во интервјуто претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицскоски.