Мицкоски: Доцна е за убедување за уставни измени!

60

Конечна одлука дали најголемата опозициска партија ќе оди на лидерска средба, ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе викендов. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски е дециден- партијата нема да го смени ставот за уставните измени.

-Такви широки консултации требаше пред пет-шест месеци да има кога ја распродаваше Македонија и кога мислеше дека прави херојски дела, а всушност капитулира. Сега е доцна и ако нема мнозинство за тие уставни измени, а нема, треба да зборуваме за датум за предвремени избори, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, треба да се разговара за суштински работи и реални проблеми што ги мачат граѓаните, како што е порастот на цените и инфлацијата, а не за уставни измени.

-Добро е да се разговара за актуелните проблеми, за она што ги мачи граѓаните – за беспарицата и високите цени, инфлацијата, енергетската состојба, криминалот и корупцијата. Тоа е суштината и како политичари треба да најдеме решение за проблемите на граѓаните и за тоа сум подготвен да разговараме во кое било време. Затоа што  денеска никој не зборува за уставните измени што му текнале на Ковачевски и на таа мала група околу него за да ги спасуваат своите политички кариери уште некој месец, изјави Мицкоски.

Средбата е предвидено да се одржи в понеделник, на 7 ноември, во македонското Собрание.

-Средбата која ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, соопштија од владината прес-служба по повод лидерската.

Во исто време, паралелна средба за истата тема планираат партиите од албаснкиот блок. Потпретседателот на Движењето Беса, Арјанит Хоџа најави дека политичката партија БЕСА ќе испрати покана до сите партии на Албанците за заедничка средба, на која, како што рече, треба да се разговара за измените на амандманот 5 од Уставот што БЕСА ги бара, односно да се смени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.