Мицкоски: Денеска ќе победи надежта и новата иднина

30

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски по гласањето на избирачко место во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае им честиташе на граѓаните кои, како што рече, барем до овој момент масовно излегуваат и ја изразуваат својата слободна волја.

– Од она што можам да го добијам како информација од терен е дека волјата и надежта за новата иднина се присутни кај народот во Македонија и тие, практично, со своето гласање, масовно во утрината, го покажуваат. За жал, можеме да забележиме многу неправилности изминативе денови, многу злоупотреба на државни институции од страна на оваа власт која е во заминување. За мене тоа претставува многу недемократски и насилнички обид да се добие волјата на граѓаните. Но, мислам дека сето тоа ќе има спротивен ефект и дека денеска ќе победи новата иднина, ќе победи надежта, ќе победат проектите, ќе победат промените. Од едната страна ја имаме власта со институциите и злоупотребата на истите, од другата страна сме ние заедно со народот, рече Мицкоски.