Мицкоски во Аеродром: Мора да покажеме дека ќе биде поинаку сè и дека сме поразлични

107

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва на собир во скопската општина Аеродром рече дека секој кој на 15 јули ќе гласа за СДСМ, всушност ќе гласа за уништување на Македонија затоа што Македонија, рече тој, е „на маса“ на коалицијата СДСМ и Беса. Првиот чекор, рече тој, е федерализација,  а вториот чекор е „конечно уништување на Македонија“.

-Јас верувам во оној пиреј којшто се буди во секој еден од вас, во онаа пркос што секој со себе ја носи и одлучност да застане и да се бори за својот сон. Попат ќе ви кажат дека попусто се трудите и тоа не треба да ве обесхрабрува, тоа треба дополнително да ве мотивира да продолжите да се борите за сонот, за нашата Македонија онаква каква што сака да биде. Затоа ве повикувам сите застанете до нас, застанете со нас и ајде прво да си ја ослободиме Македонија, побара Мицккоски од граѓаните од Аеродром.

Мицкоски рече дека од СДСМ ќе ги убедуваат граѓаните дека можеле многу да направат, но дека не успеале. Можеа, рече, „и Фејсбук и Гугл, и оној гигант во автомобилската индустрија да ги донесат, само требаше да работат, но тие ниту знаат, ниту сакаат да работат“.

Зборувајќи за судството и правдата во земјава, лидерот на опозициската партија кажа дека владејачката СДСМ од сето што ветувала успеала само „да го спакуваат во она Луј Витон куферче, да донесат некоја трас- трас одлука, а мирот да го претворат во немир“.

-Немир во душата на родителите на оние дечиња кои грозоморно го загубија својот живот на Смилковско. Во 2016 година им велеше дека ќе ја дознаеле вистината за тој грозоморен чин, а прво кога имаше можност ги ослободи сторителите од затвор. Денес има патриоти кои лежат 15-17 години во затвор затоа што си ја сакале Македонија. Јас се обврзувам дека правда мора да има и мора од некаде да почнеме. Јас ви ветувам дека никој повеќе нема да владее во Македонија, дека тој кој ќе ја има честа да управува со Владата ќе работи исклучиво за народот и за волјата на народот. Мора да покажеме дека ќе биде поинаку сè и дека сме поразлични, потенцираше Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори излегува со понуда содржана во 360 страници наречена „Проект Обнова“ и таму има за секој граѓанин односно, рече, може да се најдат повеќе од 1000 проекти – како да се дојде до 25 проценти повисока просечна плата во еден мандат, како да се дојде до 20 отсто повисоки пензии, како што рече, „враќање на старото законско решение кога пензиите два пати годишно растеа“, потоа 1000 километри нови реконструирани локални и регионални патни правци, најнизок данок од 8 проценти итн.

Гордана Силјановска-Давкова, носителка на кандидатската листа во Првата изборна единица од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на собирот во Аеродром рече дека партијата што се нарекува социјалдемократски сојуз станала партија на, како што рече, „социјалдеморализиран и  социјалдотраен“.

Народот треба да се праша дали подобро живее од порано, дали е побезбеден, дали е поздрав дали ги нема корупцијата и криминалот. Дали непотизмот не цвета, дали администрацијата е подобра. Не, многу не. Споредете ги оние кои ги персонализираат партиите, еден прекуноќ збогатен човек и еден учител ама и добар мајстор. Тој со наша помош треба да ја поправи куќата. Може ли со вакво судство да зборуваме за владеење на правото, се разбира не. Не знам колку бомби паднаа и дознавме интересни работи. Оние кои се повикуваат на право и правда се главните рушители на правото. Ние не сакаме ништо друго освен европски темел на куќата, истакна Силјановска, додавајќи дека  „хибриден режим значи дека сме држава пред пропаѓање“.

Нагласи дека ако го нема „костурот наречен владеење на правото“, ќе нема ни економија, образование, социјална заштита, ниту култура, а дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ знае како да го направи тоа.

Затоа што правото и правдата е на наша страна, а неморалот и заборавањето на етиката се со нив. Затоа се во паника. Бидете убедени дека на 15 јули ќе почне нова ера, јас ја викам четврта македонска република во која сите граѓани како индивидуи ќе бидат рамноправни. Македонија е точно мултикултурно општество, но Македонија мора да биде пристојна европска граѓанска држава, истакна Силјановска-Давкова на собирот во Аеродром.

Извор:МИА