Мицкоски: Ветувањата на власта дека ќе ги вратат младите со „планот за живот” не се остварени

88

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја продолжи акцијата Разговори за Обнова на Македонија и оствари средба со жителите на општина Вевчани.

Пред присутните Мицкоски потенцираше дека ветувањата на СДСМ и Зоран Заев дека ќе ги врати младите во Македонија со таканаречениот план за живот, не се остварени, додавајќи дека тој при разговор со студентите секојдневно слуша од голем број на млади луѓе дека својата иднина не ја гледаат во сопствената држава.

-Јас разговарав со моите студенти што планираат понатаму во животот после дипломирањето, дали својата иднина ја гледаат тука во Македонија, дали мислат дека е правично ова што денеска се случува. Најголемиот дел од нив својата иднина за жал не ја гледаат тука. Ги нема сопствениците на оние обувки се сеќавате кои што ги редеа пред владата и обичните класичните обувки, но и оние спортските кога велеа 500.000 ја напуштија Македонија, ние во најголемата наша лага во историјата на независна Македонија, наречена „Живот” ќе ги вратиме. Напротив никогаш не бил погромот како овие три години никогаш не била поголема миграцијата, денеска не се пусти селата, денеска и градовите се пусти, вели Мицкоски.

Мицкоски, истакна дека покрај ударот на националните интереси од страна на власта, во Македонија се случува и тотален грабеж на државата и на граѓаните, односно како што рече, се краде од хигиеничар до министер бидејќи, ако првиот е по тој спорт тогаш сите надоле мислат дека така треба.

-Додека ветуваат пљачкаат, набавија тендер и фирми и дадоа 24 дена стара фирма за да може 10.000 евра да книжи за 15 минути. Епа фалком млазен авион да изнајмат 3000 евра се плаќа на саат. Ние за 15 минути на некои со 24 дена стара компанија ќе му го полниме џебот, всушност му го полниме џебот на оние од врхушката на власт. И замислете таа фирма си го добила пред 24 дена истото име како што е името и на проектот, само додале ДООЕЛ. 500.000 милиони евра сакаат да фрлат во неповрат. Да не ги погребаат провизиите и да фатат ниџум. Ете тоа е она кое што денеска ни се нуди, пљачка на голема неотворена сцена, крај слугувањето, покрај националното понижување, покрај слугувањето, покрај подредената кичма, ние денеска имаме плачка на отворена сцена во секој пора на општеството без разлика дали е локална или централна власт. Се краде од хигиеничар до министер, секој денеска си го бара своето, зошто, а зошто да прашате, затоа што гледаат од првиот, ако првиот е по тој спорт сите надоле мислат дека така треба, посочи тој.

Мицкоски на средбата додаде дека многу наскоро доаѓа Обнова на Македонија и дека ова политичка и економска катастрофа која што и се случува на Македонија и граѓаните од страна на СДСМ и Заев, ќе заврши и тоа на 12 април кога се закажани предвремените парламентарни избори.