Поминаа седум години од тешката повреда на големиот шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, здобиена за време на скијањето во француските Алпи, а јавноста сеуште не знае каква е здравствената состојба на легендарниот Германец.

Шуми доживеа сериозна несреќа на скијање со речиси катастрофални последици. Тој практично е неподвижен со тешки повреди на главата и мозокот, но неговото семејство во најстрога тајност ги чува информациите за здравствената состојба на седумкратниот светски шампион во Формула 1.

Неговите најблиски соработници често го посетуваат, излегува по некоја површна информација од круговите на блиските семејства, но нема конкретни информации. Затоа приказните за него нашироко се „вртат“, навивачите се сеќаваат на неговите победи и мајстории на патеката. Но, има и такви кои се сеќаваат дека Шумахер не бил баш „најдобриот човек на светот“…

Точно, многумина не сакаат да го „заматуваат“ неговиот лик и дело во моментите кога тој е во таква здравствена состојба, но факт е дека за време на неговата кариера се здоби со многу хејтери…

Михаел Шумахер не беше баш „лесна личност“, всушност изгледаше ладнокрвно, најчесто дури и надмоќно, како да гледаше одозгора кон сите околу него, особено противниците на патеката. Факт е дека како седумкратен светски шампион можеше да си го дозволи тоа, но неговата „германска смиреност“ и изразен егоизам го направија да биде меѓу најдобрите возачи во историјата на најбрзиот циркус на денешницата.

Беше „тежок“ за соработка, а секого на патеката го гледаше како смртен непријател, па дури и тимскиот колега… Шумахер едноставно беше таков, се стремеше кон совршенство, не толерираше површност, приоѓаше на сè што е можно посериозно и аналитички. Дури и кога ги славеше победите, неговата насмевка изгледаше неискрена и вештачка, како да е научена само за фотографирање.

Оние што го доживуваа на тој начин се обидуваа да добијат сосема поинаква слика преку разговори со неговиот долгогодишен близок соработник и семеен пријател, Рос Браун (65), човек со кој ги освои сите шампионски титули.

Браун сакаше барем малку да ја поправи сликата за „студениот и недостапен егоист“ Михаел Шумахер.

  • Михаел честопати беше погрешно сфатен. Не знам дали лично му се допадна сликата што ја создаде затоа што беше застрашувачка личност на многу начини, истакна Браун во документарниот филм на Скај Спортс – „Трка до совршенство“, па продолжи:
  • Но, ако го познававте лично, знаевте дека тој е токму спротивното, дека тој беше многу топла и добра личност. Го имам сретнато многу пати со луѓе кои пред да се сретнат со него сметаа дека е лош човек, ужасен, а откако го запознаа одвнатре нивното мислење се смени целосно. Ова се случувало многу пати затоа што на патеката имаше Михаел како возач, и надвор од неа Михаел како личност.

Но, Шумахер, наводно, не го сакале ниту соработниците, а да не ги спомнуваме тимските колеги со кои постојано „војувал“. Колку има вистина во сето ова?

  • Не знам дали некој што работел со Шумахер зборел нешто зад неговиот грб. Многу луѓе кои се натпреваруваа против него имаа поинакво мислење, но никој што соработуваше со него не размислуваше лошо за него поради неговата искреност, посветеност и човечка страна. Тој беше силна личност во секој тим во кој беше, заклучи Рос Браун.